Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, оцени дека не е можно дипломатско решение за конфликтот со Азербејџан за енклавата Нагорно-Карабах и ги повика своите граѓани да волонтираат на бојното поле.

– Мора да признаеме дека прашањето за Карабах во овој момент и уште долго понатаму не може да се реши преку дипломатија – порача Пашинјан во видео порака на Фејсбук.

Тој ги повика ерменските водачи на градови, окрузи, села, политички партии, граѓански организации и деловни кругови да организираат волонтерски единици кои ќе се борат против Азербејџан на страната на сепаратистите во Нагорно-Карабах.

Азербејџанските сили по речиси четиринеделен конфликт во кој загинаа стотици луѓе, заземаа подрачја кои беа надвор од конролата на Баку уште од 90-тите години на минатиот век.

Пашинијан оцени дека ситуацијата на бојното поле е прилично тешка за сепаратистите.

– Постои победа или пораз, ништо друго. За да победиме, мора да формираме волонтерски единици – истакна тој, додавајќи дека Азербејџан ги испраќа своите последни сили во битка.

Повикот на Пашинјан доаѓа по два неуспешни обиди за примирје во текот на месецов.

Првото хуманитарно примирје требаше да стапи на сила на 10. октомври, но не се оствари. Второто примирје пропадна една недела подоцна.