Научниците во Кина кои го проучуваат потеклото на новата епидемија од коронавирус, откриле два од нејзините главни типови, кои можат да бидат причина за заразата.

Истражувачите од универзитетот во Пекинг и Институтот Пастер во Шангај истакнаа дека податоците се добиени со користење на ограничени примероци и дека треба да се направи пообемна студија за да се утврди како започнала епидемијата, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Според прелиминарната студија, од анализираните примероци, поагресивниот тип на нов коронавирус има 70 отсто удел во епидемијата во Вухан, а 30 отсто доаѓаат од послабиот вид вирус, пренесува „Ројтерс“.

Падот на бројот на заразени од поагресивниот вид вирус започнала кон крајот на јануари 2020 година, а бројот на заразени во Кина се намали и по строгата контрола на слободното движење на населението низ земјата.

– Овие податоци укажуваат на итна потреба за понатамошни студии, компаративни студии во кои се споредуваат епидемиолошки и геномски податоци, како и клинички симптоми на пациенти со коронавирус – заклучуваат кинеските научници.