Фото: Дарко Андоновски

Останува отворено прашањето дали заедно со претседателските избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори на кои инсистира опозицијата. Одлуката, како што вчера изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, можно е да се донесе во петок кога најверојатно ќе се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ, но постои можност таа да биде донесена и по неколку дена.

Заев на прес-конференција во Владата нагласи дека државата изминатите години се соочила со повеќе ситуации на застој поради предвремени избори и процедурите за нивното одржување до изборот на Владата и нагласи дека ако гледа од партиски аспект, избори се поволна алтернатива и за СДСМ и за коалицијата, како можност да ги зацврстат позициите.

– Дебатата е отворена и во коалицијата и во политичкиот субјект што го водам. На крајот на вам и на граѓаните можат да ви ветам чесна и одговорна одлука, порача вчера Заев.

На предвремени парламентарни избори инсистира опозицијата која и вчера повтори дека изборите се единствен излез од кризата во која се наоѓа државата. Обвини дека премиерот бега од избори, а оправдувањата од типот дека ќе бидат закочени реформите, според опозицијата, се смешни и провидни.

И вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера во гостување на телевизија „Телма“ рече дека е против предвремени парламентарни избори бидејќи тие би значеле дополнително дефокусирање на државата од агендата на реформи и свесно компромитирање на европскиот процес.

– Во ДУИ врие од желба да има избори утре, затоа што внатрешните анкети покажуваат дека сега е моментот. Но, дали е интерес за државата сега да има избори, тука јас не се согласувам. Да одиме на избори во услови кога чекаме да почнеме преговори и да воспоставиме една динамика на ратификацијата на Протоколот за НАТО, мислам дека свесно ќе си го компромитираме процесот и немаме некое оправдување пред светот зошто тоа го правиме. Јас сум адвокат на европската агенда на државата и ги замолувам политичките партии да го пазат овој интерес, иако гледам дека во владејачките ДУИ и СДСМ има сили кои заради партискиот интерес дека ќе имаат добри резултати, внатре во партиите приистискаат да има избори утре. Јас до последен ден ќе лобирам и ќе повикувам да нема избори најмалку до првата меѓународна конференција со Европската Унија за започнување преговори, рече Османи вечерва во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Против предвремени избори се изјасни и Демократската обнова за Македонија која оцени дека на државата сега не и се потребни избори бидејќи фокусот треба да биде ставен на реализација на реформите со цел започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

– Укажуваме дека при предвремени парламентарни избори оваа пролет, може да се случи и ситуација да немаме избрано Влада во моментот на одлука на ЕУ, велат од ДОМ од каде ја реафирмираат потребата од итна измена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи и еднаков број жени и мажи во нив.

За еден изборна единица се залага и Демократскиот сојуз според кој само така составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе се зголеми одговорноста на извршната власт. Демократскиот сојуз смета дека треба прво да се направат измени во Изборниот законик и да се обезбедат исти предуслови за фер политички натпревар, па после тоа да се организираат парламентарни избори.

Првиот човек на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вчера изјави дека тие се подготвени доколку заедно со претседателските бидат распишани и парламентарни избори. Сепак, посочи дека организирањето на двоен изборен процес ќе има финансиски импликации, но за тоа, вели, води сметка оној кој ги распишува изборите, односно Собранието.