Бизнисменот Орце Камчев пристигна во судот, како сведок за случајот „Рекет”. Денеска требаше да сведочи и неговата сопруга Ана, која не се појави во судот затоа што имала покачена температура. Се очекува тие да ја кажат својата верзија за случајот, како на Камчев му биле барани пари, кој ги иницирал средбите меѓу него и Бојан Јовановски-Боки 13 и што му било ветувано од ексшефицата на СЈО, Катица Јанева.

Бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева се повикани во кривичниот суд во Скопје како сведоци на Обвинителството за случајот „Рекет“, во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 овој месец, третообвинетиот Зоран Милески – Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски -Боки 13 и Катица Јанева.

Милески има право на жалба до Апелацискиот суд само во делот на висината на казната. Во издржувањето на казната ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор и куќен притвор започнувајќи од 15.7.2019 година.