Унгарскиот премиер Виктор Орбан има големи планови за неговата држава кои ги вклучуваат и светските сили. Тој отворено ги истакна државните цели во врска со економијата, безбедноста и со наталитетот, со што го привлече вниманието на медиумите.

– Цел на Унгарија претставува големите сили да имаат интерес за нејзиниот економски успех, затоа добредојдени се и инвеститорите од Кина – порача Орбан, одговарајќи на прашањето за владината стратегија во врска со односите со Кина.

Унгарскиот премиер го најави и засилувањето на војската, со цел државата да биде способна сама да се брани. Орбан истакна дека ќе биде имплементиран повеќегодишен процес за развој на војската, со кој „Унгарија ќе има значителна моќ и ќе биде способна да се одбрани од напад од која било страна“. 

– Јас сум меѓу оние што го сметааат НАТО за важно, но не мислам дека воената безбедност на Унгарија може да биде основана на НАТО. Треба да бидеме способни да ги одбиеме нападите со нашата сила – кажа Орбан во интервју за унгарскиот магазин „Фигели“.

Унгарскиот премиер, кој е татко на пет деца, најави и ослободување од данок за мајките што ќе имаат повеќе од четири деца, со цел да се справи со иселувањето на Унгарците од државата. Згора, одредени бенефиции ќе имаат и луѓето што ќе стапат во брак до 40-та година.

Многумина, сепак, се скептични во врска со резултатите од новите практики на Орбан, бидејќи Унгарија веќе издвојува значителни средства за семејните бенефиции, но со тоа не е остварен забележлив напредок во стапката на раѓање (во 2016-та изнесувала помалку од 1,5 дете по жена, во просек, а Орбан има намера да ја зголеми до 2,1 дете во просек до 2030 година).