Врз основа на издадена потерница, во САД уапсен е поранешниот претседател на Перу, Алехандро Толедо, соопшти Канцеларијата на јавниот обвинител во Лима. Тој беше претседател на Перу од 2001 до 2006 година, а последните години живее во Калифорнија.

Толедо, кој во Перу се смета за бегалец, одби да ја почитува одлуката на локалниот суд и да помине 18 месеци во притвор пред судењето под обвинение за наводна корупција. Станува збор за случај поврзан со бразилската градежна компанија „Одебрехт“ која беше во средиштето на најголемиот скандал со корупција во Јужна Америка, а можеби и во светот. Толедо негираше дека е виновен.

Бразилската компанија „Одебрехт“ e опфатена од „Операција автопералница“, истрагата на бразилската полиција за разоткривање на шемата за перење пари за која се проценува дека „тежела“ помеѓу два и 13 милијарди долари.