Руското Министерство за внатрешни работи за Сибирскиот округ објави дека полицијата испрашала околу 200 лица во врска со случајот со Алексеј Навални. Додадено е дека вработените во Фондот за борба против корупција повторно се сослушуваат.

Како што е наведено, соработниците од сообраќајната полиција спровеле широк спектар на истражни дејствија, а на распит биле и граѓаните кои биле во контакт со Навални или биле сведоци на неговиот престој во Томск и Томската област, како и некои од патниците кои летале во истиот авион со него, јавува ТАСС.

На 20 август на Навални му се слошило на летот од Томск кон Москва, а авионот во кој се наоѓал итно слетал во Омск.

Навални бил пренесен во болница, каде паднал во кома, а неговите приврзаници тврдат дека тој бил отруен со нешто што му било истурено во чајот на аеродромот.

Лекарите од болницата во Омск тогаш објавија дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека според резултатите од испитувањето не се пронајдени знаци на труење.

На барање на семејството, Навални беше префрлен во болница во Берлин на 22 август.

На 2 септември германската влада, повикувајќи се на лабораторијата во Бундесверот, објави дека Навални е отруен со супстанца од групата хемиски воени отрови „Новичок“. Москва го отфрла тоа.