Повлекувањето на азилот за Џулијан Асанж од страна на амбасадата на Еквадор во Велика Британија доведе до апсењето на основачот на „Викиликс“. На тој начин заврши неговиот тензичен седумгодишен престој во амбасадата, но Австралиецот допрва се соочува со неизвесна иднина.

Одлуката за повлекувањето на азилот ја соопшти еквадорскиот претседател Ленин Морено, преку видео-изјава. Пред пуштањето на Асанж, Еквадор побара од британските власти да не вршат негова екстрадиција во земја „каде што би се соочил со мачење или со смртна казна“. Британската влада се согласила да го испочитува барањето, според информациите во светските медиуми.

Основачот на „Викиликс“ бил одведен во притвор во полициската станица во централен Лондон, каде што ќе остане се додека не биде изведен пред суд, што се очекува во најкраток можен рок. 

Асанж претходно се соочи со обвинувања за сексуален напад во Шведска (што беше повод да побара азил од еквадорската амбасада) кои беа отфрлени. Потоа се соочи со можноста да отслужи едногодишна затворска казна во Велика Британија поради бегство додека беше ослободен со кауција, во 2012 година. Асанж стравува од екстрадиција во САД поради обвиненијата за шпионажа, откако објави осетливи владини документи.