Начелното правно мислење од Врховниот суд во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство отвори многу разногласија околу правото на водење предистражни и истражни дејствија кои проилегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Јавниот обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера излегоа со став дека постапувањето по предметите на СЈО ќе продолжи согласно позитивните законски прописи.

Министерката за правда Рената Десковска, во однос на ваквото мислење, нагласи дека ниту еден криминал не смее да остане неказнет, дека одговорност за сторените кривични дела мора да постои и изрази очекувње оти Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење, без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став.

– Со  закон нема да дозволиме амнестирање на криминал. Со никаква законска одредба што ќе значи затворање на истраги со цел да нема понатамошно гонење од било кој, дали е СЈО, дали е Обвинителство за организиран криминал, истакна Дескоска.

Според јавната обвинителка Вилма Русковска согласно постоечкиот закон, јавното обвинителство не може да бара да ги преземе предметите од СЈО.

– Доколку не ни ги предадат, ние според Законот што се уште важи за Специјалното јавно обвинителство, не можеме да ги побараме и да ги преземеме предметите, изјави Русковска.

Во однос на тоа дали прислушуваните разговори ќе бидат докази и на јавното обвинителство доколку тоа ги преземе случаите, рече дека нема причина зошто не би биле и потсети дека со одлука на Апелациониот суд тие станаа докази во предметите.

– Нема зошто таа одлука да не важи, не е битно кој постапува по предметот и кое обвинителство. Сите сме обвинители и одлука на суд е одлука на суд, рече Русковска.

Можностите за натамошно постапување по предметите по кои постапува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, беа разгледувани на вчерашната средба на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

Јовески и Јанева се согласиле дека постапувањето по овие предмети ќе продолжи согласно позитивните законски прописи.