Вучиќ смета дека одбивањето на ЕУ да отвори пристапни преговори со Македонија и со Албанија ја оправда неговата политика за создавање на поблиски врски со Кина и со Русија

Одлуката на ЕУ да ја затвори вратата за две балкански држави придонесе за регионот да сфати дека не може да зависи исклучиво од неговите западни соседи, предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Вучиќ исто така вели дека одбивањето на ЕУ да отвори пристапни преговори со Македонија и со Албанија ја оправда неговата политика за создавање на поблиски врски со Кина и со Русија. Белград е подготвен да потпише трговски договор со Евроазиската економска унија, царинската унија со пет члена центрирана во Москва, в петок, и повика на понатамошна регионална интеграција.

– Мораме да се грижиме за себеси. Тоа е единствениот начин, тоа е единствениот пристап. Се останато би било многу неодговорно – истакна Вучиќ.

Неговите коментари веројатно ќе ги поттикнат стравувањата дека ЕУ би можела да го загуби влијанието на Балканот, откако лидерите на блокот не успеаја да постигнат договор за почнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија на минатонеделниот самит. Одлуката издејствувана поради противењето на францускиот претседател Емануел Макрон беше критикувана од двете држави, како и од САД.

Вучиќ кажа дека одлуката на ЕУ, донесена и покрај реформите направени од Албанија и од Македонија, на барање на блокот, му стави до знаење на регионот дека „не зависи се од нас самите“.

– Тие постојано велеа, зависи од вас, од брзината на вашите реформи… Сега барем, тие се прилично фер. Тие велат, барем не зависи потполно од вас самите. Што можам да сторам јас, да плачам, да штрајкувам со глад во Берлајмонт. Нема да го сторам тоа. Никој нема да го стори тоа – кажа српскиот претседател, мислејќи на седиштето на Европската комисија во Брисел.

Вучиќ вели дека Балканот треба да стори повеќе за регионалната соработка.

– Не смееме да зависиме од следната одлука на Европскиот совет, или дали холандската влада ќе одлучи на овој или оној начин, или дали данската влада ќе направи нешто потполно различно од нашите очекувања – објаснува Вучиќ, посочувајќи ги државите што му се придружија на Париз во контрирањето на Брисел.

Вучиќ истакна дека посветеноста кон потпишаната декларација со премиерите на Македонија и Албанија за соработка по моделот на шенген-зоната на ЕУ, е зацврстена со преговорите за проширување на ЕУ. Тој посочува дека претходно, соседите на Србија, „всушност и не биле заинтересирани, бидејќи очекувале повеќе од ЕУ“.

– Сега тие гледаат дека мораме да се свртиме кон себеси, се разбира останувајќи цврсто на патот кон ЕУ, но не и да чекаме милостина од никој – категоричен е Вучиќ.

Србија ги отвори пристапните преговори со ЕУ во 2014 година, но блокот смета дека таа е помалку подготвена за членство на ЕУ во однос на Македонија.