Не престанува да се тресе тлото кај Петриња. Централна Хрватска рано утрово беше погодена од два нови силни земјотреси со епицентар во областа Петриња, со интензитет од 4,6 и 4,8 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот во 6.15 часот беше со интензитет од 4,6 степени, а малку подоцна и нов од 4,8 степени со епицентар во областа Петриња.

По вчерашниот потрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, во Петриња се почувствуваа серија послаби земјотреси. Во вчерашниот земјотрес животот го загубија седум лица. Предизвикана е огромна материјална штета, а во Петриња речиси нема објект којшто не е оштетен од разорниот земјотрес.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) изутринава објави дека земјотресот со јачина од 4,7 степени по Рихтер, кој ги разбуди жителите на централна Хрватска во 6.15 часот утрово, е 38-от земјотрес почувствуван во Хрватска во последните 49 часа.

Единаесет минути по него, истата област ја погоди друг земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала, а три минути подоцна еден од 3,9 степени според Рихтеровата скала, што значи дека последниот е 40-тиот земјотрес почувствуван во последните 49 часа, објавија хрватските медиуми.

Од почетокот на 20 век во Хрватска се регистрирани најмалку седум земјотреси со ист интензитет како оние почувствувани вчера во близина на Петриња, а најмалку четири посилни од нив, според стручните сеизмолошки истражувања. Според истражувањето објавено во 1966 година од хрватскиот сеизмолог Драгутин Цвијановиќ, земјотреси со јачина од 6,2 степени се случиле на 2 јануари 1906 година во Кашина кај Загреб, на 30 мај 1925 година во близина на Книн и на 20 јули 1937 година во Јелса на Хвар. Разорни земјотреси од 6,2 се случија на 27 март 1938 година на Билогора, на 7 јануари 1962 година во Подгора на Биоково и на 13 април 1964 година на Диј Гора.

Најсилните земјотреси од почетокот на 20 век, кои Цвијановиќ ги категоризира како 6 и три четвртини, се случија на 8 септември 1909 година во Покупско, на 29 декември 1942 година во Имотско Поле и на 11 јануари 1962 година во Макарска, четири дена подоцна по разорниот земјотрес во блиската Подгора.Најсилниот земјотрес е регистриран на црногорското крајбрежје во 1979 година. Неговата јачина беше 7 степени според Рихтеровата скала, но епицентарот беше надвор од Хрватска, а делумно го погоди и Конавле во Хрватска.