Истражувањето на историчарот Гаврил Крстович од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на Турската Империја во врска со укинувањето на Охридската архиепископија, индицира дека „документот со кој архиепископот на Охридската архиепископија, Арсениј, заедно со епископите и верниците, бара укинување на архиепископијата не е автентичен“, односно дека барањето е фалсификувано!?

Помалку истражувани историски аспекти за укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година

Постојат основи на сомневање дека документите со кои се бара укинување на Охридската патријаршија, а кои според досегашните историски читанки ги барал самиот Арсениј, архиепископ на Охридската архиепископија заедно со епископите и верниците, биле фалсификувани од страна на високи црковни достоинственици во Цариградската патријаршија. Зад таквото направено фалсификувано барање, според истражувачот Гаврил Крстович, се крие извлекување корист. Ставајќи ги во преден план реално постојните финансиски долгови на Охридската архиепископија, но и на сите епархии со кои управувала таа, целта била во корист на Грците, да се приграбат сите 31 епархија со кои раководела Охридската архиепископија.

Значи, вистинските причини за укинување на Охридската архиепископија не се нејзините финансиски долгови и неодржливоста, (кои фалсификаторите фингирале дека биле толку големи што ја парализирале работата на целата Охридска архиепископија, како што тврдел патријархот на Вселенската патријаршија, Самуил), туку желбата на Патријаршијата во Цариград, односно Грците, да ги приграбат за себе сите епархии со кои раководела Охридската архиепископија. Според истражувањето на бугарскиот историчар Гаврил Крстович од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на Турската Империја во врска со укинувањето на Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано токму врз „лажни обвинувања и фалсификувани документи“.

Предавството на шесте епископи – Грци!

Вселенскиот патријарх Самуил и Светиот синод на Вселенската патријаршија со смислена игра за наводни финансиски проблеми на Охридската архиепископијата, односно Македонската црква со седиште во Охрид, успеал да издејствува од султанот Мустафа Трети одлука со која се укинува Охридската архиепископија, а целокупниот имот, заедно со верниците, во пакет, се префрла во надлежност на Вселенската патријаршија со седиште во Цариград. Во документите до кој дошол Крстович, меѓу другото, стои дека Вселенската патријаршија меѓу причините за укинувањето на Охридската архиепископија, освен катастрофалната финансиска состојба и молбата на шесте епископи на Охридската архиепископија, по народност Грци, се разбира, кои инсистираат да се припојат кон Цариградската патријаршија затоа што „албански качаци ги уништиле епархиите со пљачкање, убиства и палежи“, како важна причина ги наведуваат и честите речиси постојани промени на архиепископот, за кои тие сметаат дека се „несреќни и недостојни“ за тронот. Ваквото тврдење на патријархот Самуил Ханџера упатено до Портата воопшто не е точно, едноставно затоа што во времето пред Арсениј, последниот охридски архиепископ, воопшто и немало чести промени на престолот. Имено, само двајца архиепископи владееле кратко, а тоа се Јеремија, кој починал брзо по назначувањето, и Ананија, кој бил сменет затоа што го узурпирал архиепископскиот трон во Охрид. Во истиот документ на Патријаршијата, кој бил упатен до Султанот, а со кој се бара уништување на Охридската архиепископија, може да се види дека укинувањето на архиепископијата, наводно, го бараат сите епископи и сите христијани од Македонија.

Дали овој документ, односно дали ваков документ воопшто стигнал до султанот?
Во актите што се однесуваат на верските прашања во Османлиската Империја, нема никаков документ од некакви епископи и верници христијани од Македонија, кои поднеле барање за укинување на Охридската архиепископија. Постои некаков запис во еден царски берат со кој се забележува барањето за укинување на Охридската архиепископија и нејзино припојување на Цариградската патријаршија од страна на Патријаршијата и Синодот, кои всушност молат да се нареди запишување во документите на Портата дека Охридската архиепископија се припојува кон Патријаршијата, со забрана Охридската архиепископија некогаш да побара отцепување од Патријаршијата. Значи, записникот од архивата на Портата само потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија не е барање на архиепископот, народот и свештенството во Македонија, туку намера и желба на Патријаршијата. Имено, укинувањето е одобрено по барање и предлог, односно молба од страна на вселенскиот патријарх и Синодот на Патријаршијата во Цариград.

Ферман за укинување на Охридската архиепископија – нема!

За да се увери дека не постои никаков документ со кој самата Охридска архиепископија наводно бара припојување кон Цариградската патријаршија, во 1867 година, значи нешто повеќе од сто години по укинувањето на Охридската архиепископија, Гаврил Крстович писмено се обраќа до Високата Порта во Цариград со молба да му се издаде препис од Високата заповед со која се укинува Охридската архиепископија: „Откако беше примена нашата молба, веднаш бил побаран таков документ во архивата, но одговорот што стигна беше дека Висока заповед или ферман за укинување на Архиепископијата во Охрид нема. Постои само краток запис на крајот од еден лист на записник со молба од патријархот Самуил за укинување на Охридската архиепископија. Освен препис од тој записник, добивме и препис од берат со кој се поставува првиот митрополит на Цариградската патријаршија во Охрид по укинувањето на Охридската архиепископија. Станува збор за митрополитот Григориј Драченски. Со двата документа само се потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија е направено по барање од Цариградската патријаршија, со молба и меѓусебен пазар на цариградскиот патријарх и Светиот синод“.
Според тоа, укинувањето на Охридската архиепископија, а тоа го потврдуваат документите на самата Патријаршијата, но и оние што се наоѓаат во архивата на Високата порта во Цариград, е дело на патријархот Самуил и на Синодот на Грчката патријаршија во Цариград, а приказната дека тоа се прави по барање од свештенството и народот во Македонија е чиста лага.

Значи, нема никакво барање од народот за укинување на Архиепископијата и нејзино припојување на Патријаршијата, а нема и никаква молба од архиепископот Арсениј туку само негова оставка, која е поднесена под притисок на шестемина Грци, митрополити на Охридската архиепископија, кои во дослух со патријархот Самуил ја имаат замислено, испланирано и реализирано комплетната стратегија и акција за укинувањето на Охридската архиепископија. Самиот чин на укинување на архиепископијата пред султанот се правда со некаква грижа, односно желба да им се помогне на верниците, кои молат да се спасат од пропаста во која е пропадната Охридската архиепископија.Се разбира, основна цел на проектот за укинување на Охридската архиепископија, всушност, е уништување на столбот на националната свест кај народот, која засилено почнува да се пројавува под патронат на Охридската архиепископија, а во што, на пример, во тоа време се вклучуваат и македонските интелектуалци. Дополнителен мотив за таквиот проект на Самуил е можноста да се приберат дополнителни пари за Патријаршијата, која до гуша е во големи долгови кон Високата порта, кои мора да се платат. Од друга страна, дека архиепископот Арсениј ниту некогаш напишал молба за укинување на Охридската архиепископија, ниту пак некогаш се согласил со такви нешто, сведочи и настанот што се случил за време на неговото заточение во манастирот „Зограф“ на Света Гора. Имено, неколку години подоцна, токму поради финансискиот крах на Патријаршијата и големите злоупотреби на средства од патријаршиската каса, на Света Гора привремено бил заточен и самиот Самуил, патријархот што го испрати на заточение Арсениј, последниот охридски архиепископ! Според запис на отец Нестор, но и според сведоштва на монасите во манастирот „Зограф“, еден ден Арсениј и Самуил случајно се сретнале во дворот на манастирот, па сите имале можност да посведочат како Арсениј со горки зборови го прекорува и проколнува Самуил за укинувањето на Охридската архиепископија. Притоа треба да се знае дека Самуил е Грк, а Арсениј Македонец од семејството Беласчеви од Охрид.

Документ од султанот за поддршка на Охридската архиепископија!

Во османлиските документи што можат во секое време да се анализираат, а тоа значи документирано да се реконструира вистината за укинувањето на Охридската архиепископија, стои дека Самуил, патријархот на Цариградската патријаршија, во време на укинувањето на Охридската архиепископија, употребил лаги и клевети тврдејќи дека Охридската архиепископија, со нејзините словенски архиепископи, има намера, односно постојано се бори за политичко отцепување од Портата. Освен тоа, според Патријаршијата во Цариград, Архиепископијата била во големи долгови, но и во постојани кавги меѓу епископите, кои, наводно, крваво се бореле за тронот, а останувале многу кратко на него, и ништо не се менувало во раководењето. Заедно со сите тие лаги, Самуил обезбедил и „поткрепа“ од шест митрополити од вкупно 31 колку што во тоа време имала Охридската архиепископија, да го поддржат во лагите за пропаста на Архиепископијата и опасноста од нејзината автономија. Сето тоа, заедно со лажното барање на верниците, го искористил за да ја убеди Високата порта да ја укине Охридската архиепископија, да го укине тронот на самостојната Македонска црква, односно да ја припои на Цариградската патријаршија. Се разбира, самиот чин на укинување на Охридската архиепископија е противзаконска и антиканонска постапка во чија основа лежат користољубие, властољубие и омраза на Патријаршијата, која, како што вели Георги Беласчев, праправнук на архиепископот Арсениј, преку Гркот Самуил по секоја цена сакала да ги потчини под нејзина управа „прекрасните епархии на Македонија“.
Во архивата на Османлиската Империја има документ, односно ферман на султанот Мехмед Трети, кој директно се однесува на Охридската архиепископија, односно на наводната финансиска пропаст од која патријархот Самуил сакал да ја спаси со укинување. Специјалната архива за црковни работи се чува во Цариград под името „бископос муката“. Овој ферман на Мехмед Трети е напишан на третиот ден од месецот реџеп во 1171 година (1758 по Христа) во Цариград по барање од Методиј, архиепископ на Охридската архиепископија, кој со писмо се обраќа до Султанот да го заштити од разните лихвари, кои секојдневно го притискаат за некакви наводни долгови што ги направиле неговите претходници.

Со ферманот од 1758 година, султанот меѓу другото наредува да се престане со притисоците, нагласувајќи дека „кога некој патријарх ќе умре или ќе биде сменет, и на негово место се назначи друг, новиот патријарх ги плаќа само долговите кон Државниот трезор на неговиот претходник, ако такви долгови има за плаќање. По плаќањето на овој долг, новиот патријарх не треба да се вознемирува за никакви други долгови. Оттука, за да се почитува законот, го издавам овој ферман со кој заповедам веднаш по пристигнувањето на оваа моја одлука да се постапи според неа и да се погрижите и постапите како што е наредено. Значи, забранувам да се вознемирува спомнатиот патријарх за долгови на неговиот претходник кон кого и да било, освен долгот кон државата, кој треба да се плати за Државниот трезор, ако таков долг има“.
Значи, султанот Мехмед Трети добро знаел дека врз архиепископот Методиј, по кој доаѓаат архиепископите Кирил, Ананија и Арсениј, бил вршен притисок од разни лихвари за долгови, кои Охридската архиепископија всушност не ги направила. Ферманот што го добил архиепископот Методиј го забранува ова своевидно рекетарство, кои само девет години подоцна, заедно со фалсификуваните документи за доброволно напуштање на тронот од страна на последниот охридски архиепископ Арсениј, ќе биде искористено од цариградскиот патријарх Самуил за конечно укинување на Охридската архиепископија. Според тоа, укинувањето на Охридската архиепископија е организирано од Грчката патријаршија во Цариград со помош на, ако може така да се рече, локални рекетари, и со шпионскиот ангажман на шестмина епископи Грци, кои раководеле со шест епархии на Охридската архиепископија, со фалсификувано писмо на верници што бараат укинување на Архиепископијата и со фалсификувано барање на Арсениј за припојување на Охридската архиепископија кон Цариградската патријаршија.

Се разбира, наводното барање на Арсениј е чист фалсификат, односно Арсениј со закани по неговиот живот е присилен да поднесе оставка од тронот, а оставката, со мала интервенција на заговорниците, е претворена во барање за укинување на Охридската архиепископија. Притоа, сето тоа е направено од луѓе „со лице на светци, со душа на волци“, како што вели Прличев во својата песна за укинувањето на Архиепископијата и протерувањето на архиепископот Арсениј!

Блаже Миневски