На идниот спасител на Европа потребни му се сојузници и резултати

Политико

Емануел Макрон сака да биде крал и спасител на Европа. Но неговата силна потрага по суверена ЕУ која ќе ги брани нејзините интереси на светската сцена заедно со САД, Кина, Русија и со Индија забележа само неколку значајни напредоци во првите две години од неговиот мандат.
Со тоа што моќта на германската канцеларка Ангела Меркел е ослабена од домашната политичка борба на залезот од нејзиниот мандат, Британија е зафатена со својата граѓанска борба околу брегзит, а Италија е маргинализирана под власта на закрвената коалиција на ривалските популисти, францускиот претседател себеси се наметна како незаменлив европски лидер.

Златната врска на неговиот притисок врз Брисел и дипломатскиот активизам на меѓународната сцена претставува негова стратегиска амбиција да го претвори Париз во главен политички центар на една посилна, пообединета Европа, преку кој ќе се остваруваат сите други врски.

Проблемот е што Франција, дури и со ваков динамичен лидер, нема сила ова да го изведе без помошта на германскиот партнер. Не сите европски држави сакаат да бидат предводени, а особено не од страна на доминантен Французин во традицијата на генералот Шарл де Гол.

Згора на тоа, Макрон може многу малку да понуди од своето неуморно заведување на Доналд Трамп, интензивното спарингување со Владимир Путин и важните дијалози со Си Џинпинг, кои сите повеќе би сакале да видат поделена, отколку обединета Европа.

Способноста на Макрон да постигнува резултати овој месец ќе биде ставена на тест, кога тој ќе има приватна средба со рускиот претседател во официјалната резиденција за одморање Форт де Брегансон, пред да претседава со самитот на Г7 заедно со лидерите на САД, Канада, Германија, Велика Британија, Италија и Јапонија во Бијариц. Трамп си замина порано од последниот, жолчен состанок на Г7 во Канада и го отфрли последното службено соопштение.

Политичката и регионалната поделба на Европа, која годинава дополнително се влоши со европските парламентарни избори, подеднакво претставува проблем и можност за Макрон. Тој можеби не успеа да ги десеткува владејачките политички семејства во ЕУ и да изгради доминантно ново проевропско центристичко движење на начин како што го потресе и измени политичкиот пејзаж во Франција во 2017 година. Но неговата политичка фракција „Обнова за Европа“ се наметна како трета клучна сила во Парламентот заедно со центристичко-десничарската Партија на европскиот народ и центристичко-левичарските социјалисти и демократи.

Францускиот лидер не се откажа од агресивните тактики за да има главен збор во донесувањето на неодамнешните европски одлуки и воопшто не внимаваше на дипломатската култура или на идеолошката конзистентност. Токму Макрон инсистираше во април секое продолжување на рокот за британскиот излез од ЕУ да биде кратко, иако Меркел и другите лидери се залагаа за подолг излез. Токму Макрон ја спречи Партијата на европскиот народ да наметне кандидат за претседател на Европската комисија, поточно баварскиот конзервативец Манфред Вебер, и направи компромис околу највисоките функции во ЕУ, кои се сметаа резервирани само за сојузниците на Франција. Токму Макрон влијаеше врз европскиот избор за кандидат за шеф на ММФ, па така наместо фаворитот на Берлин, Холанѓанецот Јерон Дајселблум, вниманието беше насочено кон Кристалина Георгиева од Бугарија.

Изборот подеднакво беше утешна награда на централноевропските држави кои се исклучени од европските позиции и симболичен пораз за северните фискални агресори кои се залагаат за строги мерки на штедење.

Силно напред

Откако младиот претседател ја врати својата домашна моќ по неколкумесечните борби со граѓанското движење „жолти елеци“ оваа зима за цените на горивото, даноците и трошоците за живот, неговиот авторитет на европската сцена повторно се зацементира. Неговите колеги сега сфатија дека тој ќе биде на власт најмалку до 2022 година, а можеби и до 2027 година.

Еден искусен дипломат од Брисел смета дека тежината на националните лидери во Брисел е директен одраз на нивната домашна моќ и рејтинг. Макрон минатата зима се држеше за сламка што му го наруши влијанието во ЕУ, но сега направи одлично враќање.

Силно разочаран од преголемата внимателност на Меркел и германскиот отпор кон неговите предлози за зајакнување на еврозоната и градењето на европски одбранбени сили, Макрон стана порешен да го предизвика Брисел, за разлика од неговиот срамежлив претходник Франсоа Оланд.

– Најмногу го шокираше немањето на стратегиска визија и долгорочен план кај европските лидери. Тој особено се разочара од Меркел и од Германија – вели Вилијам Дроздијак од институтот „Брукингс“ и автор на книгата за Макрон, која ќе биде објавена следната година.

Покрај воената моќ, нуклеарниот арсенал и постојаното членство во Советот за безбедност на ООН, Париз не ја има истата тежина во ЕУ како што ја имаше Берлин во екот на кризата во еврозоната, кога се сметаше дека Меркел ја имаше судбината на јужноевропските држави во свои раце.

Поради слабата економија, постојаниот буџетски дефицит, наклонетоста кон трговски протекционизам и потрагата по стратегиска автономија од САД, Франција е неатрактивен лидер. Ова ги охрабри европските критичари на Макрон да формираат коалиции против Париз, како што е самонаречената „Нова ханза“ на фискално конзервативни северни држави предводени од Холандија која се бори за своите предлози за поинтегрирана еврозона, или централноевропските држави во Вишеградската група и италијанските популисти, кои не ја сакаат неговата мигрантска политика.

Доминацијата на Макрон исто така е спречена од неговата воочена неможност да ги убеди Трамп или Путин да ја променат насоката во прашањата што ја засегаат ЕУ. Покрај тоа што вложи голем политички капитал во шармирањето на Трамп, францускиот лидер не успеа да го убеди да не ги повлекува САД од Парискиот договор за климатски промени или од меѓународниот договор за смрзнување на иранската нуклеарна програма, или пак, да се откаже од трговските санкции врз европскиот челик и потегот да ја парализира Светската трговска организација. Тој не успеа ниту да го убеди Техеран да го зачува нуклеарниот договор и покрај новите американски санкции или, пак, ривалските лидери во либиската граѓанска војна да го прекинат огнот и да се вратат на преговорите, предводени од ООН, за поделба на моќта.

Француските претставници велат дека барем Макрон постојано се труди во името на Европа. Францускиот лидер постојано апелираше за „стратегиско партнерство“ меѓу Русија и ЕУ. Тие сметаат дека руската соработка е од клучно значење за многу други важни прашања како што се Иран, Сирија и Либија, и тврдат дека ЕУ, а не Кина, е природен долгогодишен партнер на Москва.

Но не е јасно дали Путин сака да плати каква било цена за поблиски врски со Европа. Напорите на Макрон повторно да ја изгради довербата зависи од тоа дали тој може да го убеди рускиот лидер да направи отстапки околу воената акција на Москва во источна Украина, можеби да ги ослободи украинските поморски офицери заробени во Керчанскиот Теснец лани во ноември, и да ги обнови преговорите за прекин на огнот и политичкото помирување со Украина врз база на таканаречениот „Нормандиски формат“ под водство на Германија и Франција. Ако тој не може да издржи вакви дипломатски битки, тогаш неговата европска круна ќе биде многу нестабилна.

Подготвила: Билјана Здравковска