Унгарскиот премиер Виктор Орбан делуваше несоборлив во последните осум години, во кои се соочуваше со повремени протести. Но, се чини дека ситуацијата се менува, пренесува Си-ен-ен.

Илјадници Унгарци маршираат низ Будимпешта, извикувајќи „Вик-та-тор“ (термин настанат со спојување на името на Орбан, Виктор, со зборот диктатор – н.з.) и носејќи транспаренти со продемократски пароли, откако владата усвои повеќе закони за кои се смета оти ќе ја зацврстрат моќта на Орбан.

Еден од законите што предизвика незадоволство е т.н. „робовладетелски закон“, според кој работодавачите ќе можат да бараат до 400 часа прекувремена работа годишно, од нивните вработени. Друг закон, пак, ќе создаде судски систем контролиран од владата.

Револтот поттикнат токму од „робовладетелскиот закон“ се претвори во општи демонстрации против премиерот. Опозициските партии ширум Унгарија покажуваат единство против владеењето на Орбан и на неговата партија Фидез.

Унгарците вчера протестираа пред јавниот сервис МТВА порачувајќи оти „веќе им е доста“, на шестата вечер од демонстрациите. Собраните граѓани добија чај, храна и топли чорапи од нивни истомисленици. 

– Протестирам бидејќи нашите родители ни оставија слободна и демократска држава во 1990 година, а ние, доаѓајќи на нивна возраст, повторно се плашиме. Протестирам бидејќи ги украдоа нашето минато, сегашноста, како и иднината на нашите деца. Протестирам бидејќи мојата сакана земја ја изгуби слободата – истакна учител по англиски кој учествува во демонстрациите.

Познавачите на состојбите сметаат оти сегашните протести, кои почнаа минатата среда, се разликуваат од демонстрациите во 2014 и во 2016 година.

– Првпат се случува опозициските партии, внатре и надвор од парламентот, да соработуваат заедно за да спречат овие закони да стапат во сила – смета аналитичарот Булчу Хунјади.

Од кабинетот на Орбан соопштија дека опозицијата ги повикува луѓето на насилни акти, како и дека во организацијата на протестот „биле вклучени луѓе помогнати од Сорос“.