Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави нови и построги мерки за борбата против ширење на епидемијата на коронавирусот во Франција. Во обраќање до нацијата, тој нагласи дека „тие се во војна“ против коронавирусот и најави дополнителни ограничувања за движење на граѓаните во Франција со времетраење од 15 дена.

– Ние сме во војна. Здравствена војна. Непријателот е тука. Ве замолувам да останете дома. Ве замолувам да останете смирени. Никогаш во историјата на Франција не сме морале да преземеме вакви драстични мерки за време на мир – рече Макрон. 

Макрон изјави дека почнувајќи од утре напладне, ќе биде редуцирано целото движење, а средбите на улица нема да бидат можни. Ќе биде дозволено одење по намирници како храна и лекови. 

– Бројот на заразени од коронавирусот се зголемува двојно на секои три дена. Сакаме граѓаните да разберат дека има стотици заразени лица кои се на интензивна нега. Поради ова, треба да направиме сѐ што е во наша моќ за да го забавиме проширувањето на епидемијата – изјави генералниот директор за здравство на Франција, Жером Саломон.