Ултиматумот со кој се соочува унгарскиот премиер Виктор Орбан за избегнување на исклучувањето на неговата партија Фидес од најголемата политичка група во Европската Унија, безмалку сигурно нема да биде исполнет, што потенцијално ќе ги заостри односите меѓу доминантните политички сили и националистите во пресрет на изборите во Европскиот парламент, објавува „Блумберг“.

Унгарските медиуми известуваат оти Орбан добил ултиматум од три барања од страна на лидерот на Европската народна партија (ЕПП) Манфред Вебер, кои се „невозможни за исполнување“. Од унгарскиот премиер се бара да ја прекине кампањата против ЕУ, да испрати извинување кон партиите во Европскиот парламент (ЕП) и да го осигури присуството на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта.

– Фидес мора да разбере дека оваа кампања создаде значителна штета – напиша Вебер во писмото до претседателот на ЕП Жозеф Дол.

Се смета дека особено тешко за исполнување ќе биде барањето поврзано со Централноевропскиот универзитет. Членовите на Фидес уште сметаат дека несогласувањата можат да бидат надминати со дијалог.

– Овие барања беа смислени за Фидес да не ги исполни. Центарлноевропскиот универзитет е симболичен. Тоа е ѕид што не може да се надмине – вели политичкиот аналитичар Тамаш Ланци. 

Тензичната ситуација поврзана со Орбан и ЕПП уследи по неговата анти-ЕУ кампања во Унгарија, во рамките на која беа поставени билборди на кои заедно беа прикажани претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и на Џорџ Сорос. Згора, Орбан јавно истакна оти врши кампања за „туркање“ на ЕП кон крајната десница, во врска со прашањата како што е миграцијата. Како резултат на незадоволството во ЕПП, повеќе членови поднесоа петиции за гласање за суспензија или исклучување на Фидес. ЕПП ќе одлучува за барањето на состанокот во Брисел на 20 март.