Фото: Игор Бансколиев

На Меѓународниот аеродром во Скопје денеска во 16 часот пристигнаа 44 Авганистанци кои се дел од новата тура бегалци кои ќе престојуваат во Македонија.

На аеродромот тие беа пречекани од членови на Црвен крст, а со автобус беа пренесени до хотел, каде што им е направен ПЦР-тест и им е понудено да се вакцинираат.

Како што соопштуваат од владата, станува збор за активисти од организацијата „Тиркиз Маунтан“, а меѓу нив има и членови на нивните семејства. „Тиркиз Маунтан“ е основана во 2006 година од страна на принцот Чарлс, а оттогаш имала успешни активности во Авганистан, како што е реставрацијата на историски објекти, третирање на болни, како и поддршка на мали бизниси во Авганистан.

Првите 149 од најавените 780 бегалци од Авганистан допатуваа во Македонија на 31 август. Авганистанските граѓани, чиј живот е во опасност откако талибанците ја презедоа власта во нивната земја, изминатите 20 години работеле во демократски институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан.

Авганистанците во Македонија имаат привремен престој од 90 дена, односно до обезбедување на трансфер со кој ќе бидат пренесени до крајната дестинација.