Осомничениот Бојан Јовановски во истрагата „Рекет” кој требаше да даде исказ кај обвинителката Вилма Русковска, го изнесоа од гаражата на Обвинителството и го внесоа во возило на брзата помош. Медицинската екипа стигна во 12.30 часот, односно дваесетина минути откако Јовановски го внесоа во Обвинителството.

По 30-ина минути го симнаа по скалите во количка и го внесоа во возилото.

Адвокатот на осомничениот Јовановски, Сашко Дуковски, рече дека состојбата со неговиот клиент е алармантна и дека итно е пренесен во болница.

Дуковски кажа дека го затекнал Јовановски како повраќа во тоалетот и бил неконтактибилен, а исказот кај обвинителката воопшто не почнал.

Дуковски нагласи дека едно е постапката за Јовановски, а друго е правото на живот.

– Се случи непријатна сцена, она што се случува 40, 50 дена откако е притворен. Почна да повраќа и колабираше на одредено време – рече Дуковски.

Адвокатот посочи дека иако за Јовановски има мислење од Клиниката за тораклана хирурхија дека треба да биде хоспитализиран, тоа не е доволен аргумент за поблага мерка кон неговиот клиент.