Македонија и Грција го усвоија Преспанскиот договор, но допрва ги очекува напорна работа за практичната примена на спогодбата, што се потврдува преку невообичаен пример со мусаката. Грците биле шокирани што популарното балканско јадење било служено под државните обележја на Македонија, на штандот на саем за вино во Германија. 

– Тие ја рекламираа мусаката како македонска. Но, не е само тоа во прашање. Тие ги служеа и грчкиот јогурт и кафето како нивни – се побуни Анастасис Пеипетис, угостител од Крф, во изјава за британски „Тајмс“.

НАТО и ЕУ ја поздравија ратификацијата на Преспанскиот договор, но тој допрва треба да стапи на сила, со што се очекува Грција во наредните денови да ја извести Македонија за тамошната ратификација на НАТО-протоколот. Приемот на Македонија во Алијансата ќе треба да биде ратификуван од парламентите на сите 29 членки на НАТО, што во случајот на Црна Гора траеше една година. Грција треба да ја извести и ЕУ оти ги поддржува пристапните преговори на Македонија, а двете држави ќе ги унапредат нивните дипломатски претставништва во амбасади, според „Ал џезира“.

Македонија во следните пет години треба да ги преименува јавните тела, да ги прилагоди документите и да ги смени пасошите што моментно се во употреба. Најчувствителните прашања од Преспанскиот договор, сепак, се културолошки.

Македонија во наредните шест месеци треба да оформи комитет за ревизија на спомениците и јавните објекти, а засебен интердисциплинарен комитет ќе ги испитува школските учебници, мапите и училишните програми.

Двете страни ќе треба да воспостават и акциски план за соработката на повеќе полиња, како што се транспортот, цивилната одбрана, енергетиката, заштитата на животната средина, инфраструктурата, инвестициите и безбедноста. Советот за соработка на високо ниво треба да го надгледува планот. Заеднички комитет треба да дискутира и за имињата на брендовите кои ги содржат термините Македонија и македонски.

Ваквите амбиции изгледаат добро на хартија, но има правни и практични прашања за решавање, а дел од нив се однесуваат и на економијата.

– Како што стојат работите. Договорот не додава вредност, туку одзема, бидејќи го делиме името на брендот Македонија. Гледањето на буквата „Н“ (таа го означува терминот северна – н.з.) на производите нема да направи значителна разлика за европските потрошувачи – вели Василис Коркидис од пирејската трговска комора, кој додава дека спогодбата можеби им дава можност на бизнисите сами да се брендираат. 

Тој проценува дека околу 400 грчки компании во Скопје ги застапуваат инвестициите чија вредност надминува 1,7 милијарди долари. М.Ж.