Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тврдењата дека почнувањето на преговорите за прием во ЕУ, автоматски значат и членство се погрешни, а комуникацијата за проширувањето треба да се заснова врз факти, наместо врз опасна игра на зборови и емоции, пишува „ЕУроактив“. 

Натали Луезо, која има водечка улога во евро-ренесансното движење на францускиот претседател Емануел Макрон, во нејзината кампања за европските избори истакна дека таа директно го блокирала проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија.

Истовремено, францускиот неделник „Лобс“ објави напис во кој се тврди дека „ЕУ во 2012 година и ветила на Србија дека ќе се приклучи на Унијата, можеби и до 2025 година“ и кој продолжува со скептичен тон во поглед на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.  

– Ваквите тврдења во јавните расправи за Западен Балкан во земјите-членки на ЕУ, се засновани врз идејата дека преговорите за членство, односно почетокот на преговорите, директно имплицира прием во ЕУ како краен исход. Ова е погрешно. Секој што е запознаен со проширувањето кон Западен Балкан, знае за тешкотиите во процесот – се наведува во анализата на „ЕУроактив“. 

За разлика од проширувањето помеѓу 2004 и 2007 година кога ЕУ беше принудена да прими нови членки поради дадените ветувања, во случајот на Западен Балкан, Унијата внимателно ги бираше зборовите.

На самитот во Солун во 2003 година беше ветена „недвосмислена поддршка за европска перспектива“,  а стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија од 2018 година, исто така не ветува членство. Самитот од Софија истата година, пак, ја потврди европската перспектива, но без спомнување на зборот „проширување“.

Може да се заклучи дека прописите во ЕУ ги прават земјите-членки „господари“ за политиката на проширувањето на Унијата, бидејќи одлуките бараат едногласна согласност. Тоа значи дека секоја од 28-те земји членки на ЕУ има барем 70 прилики за паузирање или блокирање на преговорите (на пример за време на отворањето на 35 поглавја). 

– ЕУ на Македонија не и вети дека таа ќе се приклучи на Унијата, но всушност вети дека ќе ги почне преговорите кога државата ќе ги исполни потребните услови. Македонија ги исполни условите, но дел од земјите во ЕУ се плашат од домашниот притисок и се подготвени да ги изневерат ветувањата – пишува „ЕУроактив“.

Политичките авторитети во Европа би требале да ги засноваат гледиштата за Западен Балкан врз веродостојни информации. Тоа е најмалку што може да се очекува од проевропски ориентираните политичари, наместо да се занимаваат со опасна игра на зборови и емоции. Истото се однесува и на медиумите кои треба да известуваат професионално и врз основа на факти, гласи заклучокот на анализата.