САД силно го поддржуваат Преспанскиот договор. Ова го гледаме како можност да ве пречекаме како 30. земја членка на НАТО, изјави американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Вес Мичел по средбата со шефот на дипломатијата Никола Димитров, прва на неговата агенда во рамки на денешна посета на Македонија.

– Знаеме дека беа потребни многу работа и компромиси од двете страни. Патот беше долг 27 години за да се стигне до тука. Разговаравме и за следните чекори кои се потребни. Ви даваме голема поддршка, но конечно ова е одлука која само Македонците може да ја донесат за себе. Америка има интерес за Западниот Балкан и се залага за стабилност и просперитет на овој многу важен регион, рече Мичел.

Тој посочи дека дошол за да зборува со македонските лидери за безбедносните протоколи, стратегиските односи во регионот, економијата, како и за историските можности што и се даваат на Македонија со Преспанскиот договор.

Од македонското МНР по средбата соопштија дека во фокусот на разговорите Димитров-Мичел биле евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и актуелните политички состојби во земјата и во регионот.

Димитров, како што соопшти МНР, ја потенцираше важноста од натамошна поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство.

– Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион, рече Димитров.

Помошник државниот секретар Мичел, се наведува, повторно ја реафирмираше силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Тој ги поздравил напорите на Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција.

Во тој контекст, американскиот дипломат, се додава, ги повторил очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.

Мичел, кој по вторпат годинава доаѓа во Македонија, покрај со претставници на парламентарните партии, доцна попладне ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев по што ќе следува изјава за медиумите.

Инаку, минатиот викенд земјата ја посети американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон кој е еден од коспонзорите на Резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа. Во понеделник, пак, доаѓа уште еден висок американски претставник – секретарот за одбрана на САД Џејс Матис. Тој доаѓа за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и да им ставам до знаење дека Вашингтон го поддржува македонскиот народ, стои во неговата изјава и се додава загриженоста дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес, изјави спроти посетата Матис.

Поппладне во земјава ќе допатува и високата претставничка за надворешни работи на ЕУ Федерика Могерини. Таа ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со претседателот на државата Ѓорге Иванов, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.