Во однос на острите говори во текот на изборната кампања, во кои истакнуваше дека Грција би можела да стави вето на пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија, новиот грчки премиер и лидер на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, рече дека нема да стави вето на евроатлантските интеграции на Македонија, но и понатаму ќе бара одредени отстапки, пишуваат грчките медиуми.

Пред да победи на предвремените избори на 7 јули, соборувајќи ја СИРИЗА на поранешниот премиер Алексис Ципрас, кој го склучи Преспанскиот договор, Мицотакис изјави дека задржувањето на правото на вето за приклучувањето на Македонија на ЕУ, сè уште е опција доколку победи на изборите.

Тој беше особено вознемирен поради тоа што многу производи произведени во Македонија се продаваа како „македонски“, предизвикувајќи забуна со производите од како што грчките медиуми истакнуваат „вистинската Македонија“, пренесува „Нешнл хералд“.

Извор близок до премиерот, кој сакал да остане анонимен, за весникот „Катимерини“ изјавил дека Мицотакис нема да застане на патот на обидите на Македонија за влез во ЕУ доколку го добие тоа што го сака, објави весникот.

Грција нема никого да одбие. Сепак, таа ќе постави свои услови, рече изворот без да објасни кои би биле тие услови.

Европската комисија препорача започнување пристапни преговори со Македонија и со Албанија. Останува да се види дали Европскиот совет, односно шефовите на дипломатиите на 28-те земји во Унијата, ќе се придржуваат до препораката во октомври.

Иронично е тоа што починатиот татко на Мицотакис и поранешен премиер, Константинос Мицотакис, во 1991 година дозволи новата држава која произлезе од распадот на Југославија, привремено да го користи името на Македонија под акронимот на ФИРОМ, пишуваат грчките медиуми.