Илустрација: Политико

Политико

Францускиот лидер заедно со неговите советници разговараат на овалната маса во беж боја во собата за состаноци во претседателскиот авион. Иако во јавноста обично носи костуми, во авионот носи лежерна облека, односно темни фармерки, син блузон со патент и качулка на кој е испишан слоганот „Ла Френч Теч“ и има неколкудневна брада.

Ова беше втор состанок на неговиот кабинет во текот на осумчасовниот лет до Њујорк за годишниот собир на светските лидери на генералното собрание на ООН, а Макрон правеше план како да го изведе најхрабриот потег во неговата надворешна политика, односно да ги седне на иста преговарачка маса американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Хасан Рoхани за да постигне некакво решение во 40 годишниот конфликт меѓу двете држави.

Но во високоризичната дипломатија, како и во сите други сфери, клучот е во логистиката, а времето на Макрон во Њујорк беше кратко. „Политико“ доби пристап да патува заедно со францускиот претседател и неговата придружба за време на дводневната посета на ООН додека Макрон се обидуваше да го оствари првиот состанок во четири очи меѓу американскиот и иранскиот претседател во изминатите четири децении.

Со ова се доби шанса да се види одблиску хиперактивната, иновативна надворешна политика која генерално зависи од личните врски на францускиот претседател со другите лидери и која пред сè е амбициозна. На половина од неговиот мандат, Макрон се истакнува со повеќе дипломатски интервенции од голема важност, кои се истовремено храбри и своеглави.

Во моментов тој паралелно игра на повеќе полиња како што се, реформи во ЕУ, обновување на односите меѓу Русија и Западот, спас на Иранскиот нуклеарен договор и буквално работи напорно како да ја спаси планетата од катастрофалните климатски промени.

Еден висок советник од неговата влада кој сакаше да остане анонимен, затоа што му е забрането да коментира во јавност, порача дека „Макрон прво сака Франција да биде светилник во светот во однос на европскиот суверенитет, поточно промовирањето на европските интереси, и во однос на креирање на нова динамика“.

Украина, Амазон, Либија, САД, Венецуела, се дел од државите од светот, кои не изостануваат од традиционалната француска сфера на интерес, па така ниеден план не е премногу смел и ниедно разочарување не смее да биде пречка.

Кога Макрон се ослободи од идеолошката поделба на левица и десница во неговата држава во текот на неговата долга претседателска кампања, се обиде да ги игнорира традиционалните ограничувања во меѓународното донесување на одлуки.

Во однос на водењето на неговите дипломатски амбиции, францускиот претседател постојано се соочуваше со пречки, дури и по цена понекогаш да следи негативна реакција, за да ги унапреди интересите на неговата држава на светската сцена, на која не се случиле некакви големи потреси уште од крајот на Втората светска војна.
Ако поради ова Макрон честопати е изложен на неуспех, како што велат неговите советници, сепак тоа отвора нови шанси, без оглед колку се тие мали, за директно да ги реши и најнерешливите проблеми.

– Тој има храброст да делува. Кој друг денес би сакал директно да се изложи на удар на Иран? Кој денес сака да се вклучи во либиското прашање? Кој денес би барал помош од Трамп? Ако Макрон не реагира, тогаш кој друг? – смета неговиот висок советник.

Превод: Билјана Здравковска