Фото: Дарко Андоновски

Металург почна со подготовките за новата ракометна сезона. На првиот тренинг имаше 17 играчи, додека четворица беа отсутни, меѓу кои тројца се кадетски репрезентативци. 

– Амбициите се прво место во првиот дел од Суперлигата и потоа борба за првите две места, како и влез во групната фаза на Купот на ЕХФ – истакна Зорица Блажевска, претседателката на Металург.

За ракометарите на Металург, годинашната сезона официјално ќе почне во почетокот на септември со меч од Суперкупот на Македонија во кој противник ќе им биде градскиот ривал Вардар, а почетокот на натпреварите од Суперлигата е предвиден за 7/8 септември.

Металурзите ќе тренираат во салата во Автокоманда до 5 август, а од 6 до 12 август ќе заминат на висински подготовки на Копаоник, Србија, каде што е предвидено екипата да работи на кондициска и на техничко-тактичка подготовка. Освојувачот на Купот, предводен од новиот тренер Дамир Стојановиќ, во втората половина на август ќе учествува и на два пријателски турнири, во Русија (Москва) и во Србија (Кањижа). Г.М.