Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика Русија да го испита наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и да ги донесе сторителите пред лицето на правдата.

– Со оглед на извонредната улога на Навални во политичката опозиција на Русија, ги повикувам тамошните власти итно да го истражат ова злосторство до последен детаљ – и на целосно транспарентен начин. Тие што се одговорни мора да бидат идентификувани и повикани на одговорност – рече Меркел во заедничката изјава со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, пренесува „Ројтерс“.

Навални, критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се онесвести во авион минатата недела, откако пиеше чај на пат за Сибир. Лекарите во сибирската болница кои први го лекуваа Навални изјавија дека му го спасиле животот, но дека не нашле траги на отров во неговото тело.Тие изјавија дека не биле под притисок од надлежните додека го лекувале.

Тој беше однесен во Германија на лекување во саботата, а тестирањата покажаа дека тој веројатно е отруен, објави клиниката во Берлин, каде беше префрлен на лекување.