Револуцијата се прикажува на телевизија, па луѓето ширум светот имаат добар поглед на насилството во Париз, каде што „жолтите елеци“ ограбуваа продавници кај Елисејските полиња и палеа автомобили на улиците на главниот француски град. Уништувањето во Париз претставува особено тежок удар за францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува европското издание на магазинот „Политико“.

Демонстрантите не само што го подриваат обидот на претседателот да го претстави имиџот на Франција како весела „стартап-нација“, туку покренаа и загрижувачки прашања за способноста на неговата администрација да одржи ред, соочена со движењето на граѓаните поттикнато во знак на протест против високите цени на горивата, а кое сега има список од 42 барања.

Се чини дека движењето има широка поддршка, што претставува дополнителна грижа за Макрон. Според последните анкети, 72 отсто од граѓаните ги поддржуваат „жолтите елеци“, наспроти 28 отсто кои се изјасниле во полза на претседателот. 

Многумина би избрзале за да го отпишат Макрон политички, но претседателот уште ја има моќта и тој ќе остане на функцијата до 2022 година, освен во случај на оставка, што не е веројатно дека ќе се оствари.

Но, Макрон, се соочува со неколку тешки избори. Аналитичарите сугерираат дека францускиот лидер треба да ја смени реториката која не допира до незадоволните граѓани. Потребно е да го разбере и прифати гневот на Французите, за да може да се надева дека ќе го „изгасне огнот“ што го запалија „жолтите елеци“.

Макрон треба и да ја засили безбедноста, но внимателно, без таа да го зголеми насилството на улиците. Затоа, тој би требал да изнајде компромис помеѓу воведување на вонредна состојба и создавање хаос. 

Меѓу тешките одлуки со кои се соочува претседателот е исполнување на дел од барањата на демонстрантите, можна реконструкција на владиниот кабинет, како и обединување со опозицијата, во обид да ја реши кризата.