Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќемина политичари, експерти и новинари на Твитер изразија негодување поради неможноста на министрите за надворешни работи во ЕУ да се договорат за определување на датум за преговори за Македонија и Албанија, наведувајќи дека Унијата на тој начин го загубила кредибилитетот, што би можело да има последици во европскиот блок, како и на Западен Балкан.

– Време на одлука за Емануел Макрон. Или покажи лидерство во ЕУ и дај зелено светло за Македонија, или блокирај ги пристапните преговори и прокоцкај го лидерството во ЕУ – напиша австрискиот политички аналитичар Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и координатор на Европската советодавна група за Балканот.

– Тешко е да се нагласи каков удар за кредибилитетот на ЕУ како актер во надворешната политика по фијаското што настана со Северна Македонија и со Албанија. Особено во ерата на брегзит и на Трамп, ова беше лесен начин за да се постигне понадежна позиција. Но Макрон го уништи тоа за сите – смета политичкиот аналитичар Јасмин Мујановиќ.

Длабоко сум разочаран што европските министри не успеаја да се согласат за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Тие ги исполнија условите, ЕУ не треба да се колеба. Пристапните преговири се најдобра алатка што ја имаме за да поттикнеме развој на Западен Балкан. Зошто си ги врзуваме рацете – истакна словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.

Ова е пример за можен домино-ефект во регионот, доколку државите од ЕУ го одбијат пристапувањето на Македонија по нејзината (тешка) промена на името: српскиот претседател Алексадар Вучиќ сега веројатно се прашува зошто Белград би му верувал на Брисел кога во прашање се преговорите за Косово – посочува новинарката на „Франс прес“ Сали Мерс.

– ЕУ покажа двојни стандарди кога станува збор за Македонија. Пристапните преговори требаше да почнат уште пред 10 години – категорична е европратеничката од Хрватска Маријана Петир. М.Ж.