Водечките луѓе на „Томас Кук“ се наоѓаат под зголемен надзор во рамките на истрагата по порапаѓањето на најстарата светска туристичка компанија, пренесува Би-би-си.

На истражителите им е наложено да обрнат внимание дали постапките на шефовите на компанијата предизвикале штети за кредиторите или за пензиските фондови, по критиките за високите плати во фирмата. Директорите на водечките позиции добиле 20 милиони фунти на сметка на плати и бонуси од 2014 година.

Британскиот премиер Борис Џонсон јавно запраша дали директорите треба да бидат исплатени со големи суми на пари додека нивниот бизнис пропаѓа. 

Компанијата вчера влезе во процедура на ликвидација поради долгот од 1,7 милијарди фунти. Како резултат на ваквата состојба, британската влада е принудена да ги врати дома 155-те илјади туристи од 18 различни држави. Во прашање се доведени и 22 илјади работни места ширум светот, од кои девет илјади се во Обединетото Кралство.

„Томас Кук“ посочи повеќе причини за проблемите на компанијата меѓу кои се нестабилната ситуација во Турција, топлотниот бран и одложувањето на одморите поради брегзит. Познавачите на состојбите наведуваат дека туристичката компанија која функционираше во изминатите 178 години не успеала да се прилагоди на модерниот начин на работа преку нудење на услугите на Интернет.