Македонските тимови коишто учествуваат во спасувачките акции во Албанија лоцираа и извадија две починати лица на две локации под урнатите згради, по разорниот земјотрес кој што вчера изутрина ја погоди земјата.

Владата информира дека тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, согласно одлуката на Владата, од вчера попладнето се во Албанија за да помогнат во спасувачките акции на локалните власти.

Од доцна синоќа тимовите на републичките сили – тим за заштита од урнатини на ДЗС, преку офицерот за врски добиваат комплексни задачи за прва помош и извлекување на настраданите граѓани во Драч, како и во санирање на штетите од катастрофалниот земјотрес. Покрај тимовите ДЗС, упати и специјализирана техничка опрема, амбулантно возило, медицинска и техничка опрема, како и најсовремена механизација која се користи за да се дојде до евентуалните преживеани.

На терен се и припадници на МВР со куче спасувач специјално тренирано за пронаоѓање преживеани под урнатините.

Владата донесе одлука да се издвојат шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.


Македонски лабрадор учествува во спасувачката акција во Албанија

Лабрадор обучен за пребарување и спасување преживеани од урнатините е дел од македонскиот тим, кој заедно со припадници на Дирекцијата за заштита и спасување синоќа замина во Албанија како дел од спасувачките екипи што трагаат по повредите од разорниот земјотрес.

Според последните информации, бројот на жртви порасна на 25, а има над 650 повредени. Македонскиот лабрадор не е единственото куче трагач што ќе учествува во спасувачката акција. Хрватските медиуми вчера објавија фотографија од кучиња трагачи од земјата што со авион беа однесени во Тирана. Во потрагата по преживеаните учествуваат и германски кучиња трагачи, обучени за пребарување под урнатините.