Грчката владина делегација и Алексис Ципрас пристигнаа во македонската влада, каде што грчкиот премиер со државни и воени почести беше пречекан од премиерот Зоран Заев и од владини министри.

Ципрас и делегацијата што го придружува околу 9.40 часот со владин авион пристигнаа на аеродромот Скопје. Го пречека вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, по што тој се упати кон Владата.

Официјалната посета на Македонија, прва на еден грчки премиер, Ципрас ќе ја почне со средба со неговиот домаќин премиерот Зоран Заев.

По тет-а-тет разговорите Заев – Ципрас и меѓувладиниот состанок, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција.

Грчкиот премиер ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Попладне ќе се одржи бизнис-форум, на кој ќе се обратат двајцата премиери. Д.Ср.