Летото на протести и на изборни промени во Источна Европа се случува во пресрет на одбележувањето на годишнината од падот на комунизмот во овој дел од Стариот континент, со што можат да се подвлечат паралели помеѓу овие случувања, според британски „Економист“. 

Источноевропското лето беше најавено во март, со изборот на либералката Зузана Чапутова, која се залага за антикорупциски реформи, за претседателка на Словачка. Април ги донесе претседателските избори во Македонија на кои победија социјалдемократите, недолго откако ставија крај на долгогодишниот спор со Грција околу името на државата за да го отворат патот кон членство во ЕУ. А мај донесе победи на проевропските сили во Летонија и во Литванија. Во јуни имаше повторено гласање на изборите за градоначалник во Истанбул, на кои победи противникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Чесите, пак, ги одржаа најголемите протести по падот на комунизмот на кои 250 илјади граѓани излегоа да го искажат незадоволството, откако премиерот Андреј Бабиш беше обвинет за измама. Протести избија и во Молдавија, Грузија, Романија, Бугарија, додека сега се актуелни и во Москва.

Но, не станува збор за нова 1989 година. Сегашните протести и изборни промени се однесуваат на локални прашања, а сепак, настаните актуелни летово урнаа повеќе стереотипи кои Западот ги има за Источна Европа. Западот верува оти државите со страв од комунизмот не се способни да имаат силни граѓански движења.

– Протестите во Источна Европа и нејзините гласачи заслужуваат поголема поддршка од Западот. ЕУ троши голем дел од буџетот на нејасни приоритети, а премалку за поддршка на независните медиуми и на граѓанските здруженија. Гласот на незадоволството во Чешка, Турција и во Романија не добива внимание од западните медиуми и политичари. Ова треба да се смени – пишува „Економист“.

Ова лето покажа дека Источна Европа всушност се здружува со либералите и демократите со подготвеност да ги стави сопствените интереси во прв план. Ако ЕУ е согласна со сопствените принципи и го вреднува ветувањето од 1989 година, таа ќе застане покрај овие држави, заклучува британскиот магазин.