На заедничката изјава на Советот за човекови права, со која се повикува Руската Федерација за итно и безусловно ослободување на Алексеј Навални и сите лица кои се незаконски или произволно лишени од слобода, потпишана и Македонија, веста ја пренесуваат повеќето регионални медиуми.

Во изјавата, потпишана од 45 други земји, се изразува загриженост за влошувањето на човековите права и основните слободи во Руската Федерација.

– Апсењето на Навални и изрекувањето на казна се засноваа на претходната пресуда што Европскиот суд за човекови права ја прогласи за произволна и очигледно неразумна.Тоа се случи во контекст на обидот да се отруе овој руски државјанин, без настанот да биде соодветно истражен и веродостојно објаснет – беше наведено во изјавата потпишана во рамките на 46-та седница на Советот за човекови права, цитирана од некои медиуми во регионот.

Земјите потписнички се загрижени и за големиот број на самоволни апсења на демонстранти кои изразија поддршка за Навални во многу руски градови.

На списокот на држави потписнички се вклучени и Црна Гора, Албанија, Хрватска, Франција, Германија, Велика Британија и САД.