По дводневна исцрпна собраниска дебата, пратениците пред полноќ ја изгласаа Владата предложена од мандатарот Зоран Заев. „За“ Владата на Заев гласаа 62 пратеници, а „против“ беа 51 пратеник,од вкупно присутни 115 пратеници.

Заев во својот говор пред гласањето, рече дека тој и министрите се обврзуваат чесно и одговорно да им служат на граѓаните.

– Сега веќе немаме отворени етнички прашања, сега сите сме еднакви. Сега сите соседи ни се пријатели – рече Заев во својот говор.

Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата и ја повика опозицијата на соработка во претстојните четири години.

Во Владата ќе има 19 министри. Љупчо Николовски ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Предвремените парламентарни избори во Македонија се одржаа на 15 јули.