Повик и лажна вест, што во изминатиот период се споделуваше на социјалните мрежи дека повторно ќе се отворат границата и балканската рута за да стигнат до Европа, беше причина бегалци и мигранти од цела Грција да се упатат кон Солун и од вчера да постават над 100 шатори и да преноќат пред прифатниот центар Диавата.

Според информациите во грчките медиуми, станува збор за околу 500 лица, меѓу кои семејства со мали деца и бебиња, кои во близина на Солун стигнале од различни делови на Грција, па дури и од прифатните центри на островите Лезбос и Хиос, а импровизираниот камп е под силно полициско обезбедување.

Претпладнево се случија мали инциденти откако група бегалци и мигранти, мнозинството од нив жени, се обидоа да го пробијат полицискиот блок и да стигнат до границата со Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Инциденти имаше и вчера, кога бегалците и мигрантите се судрија со полицијата, уапсен беше 37-годишен државјанин на Ирак, а полесно повреден еден полицаец.

Министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас, во интервју за радио „Практорио фм“ на грчката државна новинска агенција рече дека бегалците и мигрантите пред прифатниот центар Диавата се жртви на дезинформации.

– Кој ја споделува оваа дезинформација? Главно ја шират криумчарите кои поради некоја причина, што никој не може да ја разбере, дека ќе се отвори границата. Границата нема да се отвори – истакна грчкиот министер, а според негова проценка, до вечер или до утре наутро ситуацијата ќе се нормализира.

Прифатниот центар Диавата, пред кој што се поставени шаторите и се насобрани бегалците и мигрантите, се наоѓа во близина на Солун, на околу 70 километри од границата со Северна Македонија.