Косовската Влада ја укина во целост одлуката за зголемените царини, соопшти денеска министерот за економија Кресник Бектеши.

Како што информира Бектеши на прес-конференција, ова е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји.

– Пред неколку минути бев информиран дека Косово ја повлече одлуката во целост, а претходно на владината седница на косовската Влада, биле земени предвид аргументите што беа изнесени од македонската страна на петочната средба во Приштина – истакна Бектеши.

Косово ја воведе одлуката на 18 јули годинава и со неа царините за вкупно 21 земјоделски производ беа зголемени за 30 отсто.