Правда за прерано починатиот член на „Комити“, 21-годишниот Никола Саздовски, кој по неколкудневна кома предизвикана по физичкиот напад врз него од страна на три лица им подлегна на повредите, побараа на вечерашниот протестен марш членовите на оваа навивачка група и другите присутни граѓани, со цел, како што рекоа вакво нешто да не се повтори.

Учесниците на маршот побараа институциите да си ја завршат својата работа професионално, да ги најдат и казнат оние кои го претепаа  до смрт Саздовски, за, како што рекоа, никогаш повеќе да не се случуваат убиства по македонските улици.

Отецот Ивица Тодоров, кој се обрати пред Основното јавно обвинителство, порача дека со соодветната казна за сторителите ќе се спречи идно пролевање крв на младите во Македонија.

– Тука сме собрани со една мисла. Повеќе во Македонија да нема невини жртви, да нема убиства по македонските улици без разлика од која страна доаѓаат, рече тој. Тодоров додаде дека од овој протестен марш Македонците покажале дека имаат достоинство и почит и оти тоа го бараат и од другите.  

Протестниот марш започна на плоштадот во Автокоманда. Оттаму, учесниците се упатија кон Основното јавно обвинителство, каде запалија и свеќи за помен на починатиот Саздовски. Маршот треба да заврши пред МВР.

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, запрашан дали МВР го пронашло третиот напаѓач на Саздовски кој беше претепан до смрт и дали е пронајдено возилото „мерцедес“ од кое излегле напаѓачите, посочи дека возилото и идентитетот на двајца од напаѓачите е утврден уште истиот ден.

– За третиот напаѓач веќе имаме конкретни сознанија и очекуваме многу скоро тоа да се случи, рече Спасовски и појасни дека кога ќе имаат можност да го обезбедат ќе го обезбедат и ќе информираат за тоа.

Саздовски беше претепан на автобуска постојка во Автокоманда, пред десеттина дена, по што беше хоспитализиран во Клиничкиот центар каде им подлегна на повредите.