Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун заплака на големата воена парада и упати извинување на граѓаните на Северна Кореја, пренесуваат светските агенции.

Ким во својот говор се извини за неуспехот во водењето на земјата низ бурните времиња, дополнително влошени од пандемијата на коронавирусот.

Зборувајќи на големата воена парада одржана за време на викендот по повод 75-годишнината од владејачката Работничка партија, Ким ги тргна очилата и ги избриша солзите, што е, според аналитичарите, последица на засилениот притисок врз неговиот режим, пренесува „Гардијан“.

– Нашите луѓе ми укажаа доверба, висока до небото и длабока како морето, но не успеав тоа секогаш на задоволувачки начин да го исполнам. Навистина ми е жал за тоа – изјави тој.

Тој ги цитираше своите дедо и татко, претходните двајца лидери на Северна Кореја. 

– Иако ми е доверена одговорноста да ја водам оваа земја поддржувајќи ги целите на големите другари Ким Ил-сунг и Ким Јонг-ил, мојот труд и искреност не беа доволни да ги ослободат нашите луѓе од тешкотиите во нивниот живот – изјави Ким.