Децениските обиди на европските банки да влезат и останат конкурентни на најголемиот пазар на капитал во светот, Волстрит, се изјаловија со капитулацијата на германската „Дојче банк“. Мотивите за влез на овој пазар во осумдесетите и деведесетите години беа јасни – глобализирање на бизнисот, но и одговор на офанзивата на нивните американски ривали во Европа, анализира „Економист“.

Сегашната ситуација претставува понижување за „Дојче банк“ која своевремено имаше амбиции да ја симне банкарската групација „Голдман Сакс“ од врвот на глобалната листа на инвестициското банкарство. Во 2007 година германскиот гигант беше на второто место, а сега е надвор од првите пет позиции, со назнаки оти би можел да падне и подолу на листата. 

Неделава „Дојче банк“ отпушти 18 илјади работници во Лондон, Њујорк и Токио, како дел од процесот за реструктуирање на банката поради внатрешната криза.

Покрај отпуштањата, германскиот финансиски гигант беше цел на критиките на експертската јавност поради повеќе причини. Експертите ги критикуваа за богатите отприемнини кои ги исплатија на на највисоките функционери во фирмата што заминаа во хаотичниот период и кризата во врвот на менаџментот во банката. „Дојче банк“ беше поврзана и со скандалот со Џефри Епстајн, американскиот финансиер кој беше обвинет за сексуално искористување на малолетни девојки, затворајќи ја сметката на Епстајн на почетокот на годинава.

Исто така, Одделот за правда на САД води истрага за „Дојче банк“ поврзана со скандалот на „Малезија Девелопмент Берхард“, со цел да открие дали банката ги прекршила законите за корупција и перење пари, овозможувајќи на малезиската фирма да подигне 1,2 милијадри долари во 2014 година.

Денес, европските банки се откажуваат од сонот за освојување на Волстрит, фокусирајќи се, на пример, кон инвестициското и корпоративното банкарство во домашни рамки.