Извор: Ројтерс, пренесува Јапонија тајмс

Виетнамците кои се одлучуваат на опасен пат за почеток на нов живот во Европа треба да одговорат на едно прашање, а тоа е дали сакаат „евтина“ или „ВИП“ рута. Шверцерите на луѓе нудат разни видови на услуги по различни цени, како што велат за „Ројтерс“ експертите за трговија со луѓе, мигрантите и нивните семејства. Нгуен Дин За, кој стравува дека неговиот син Нгуен Дин Луонг е меѓу 39-те мигранти од Виетнам што беа пронајдени мртви во ладилник на камион во близина на Лондон, вели дека „ако некој се одлучил за ‘ВИП’ рутата, тогаш шансите да биде фатен се еден отсто, затоа што се смета дека таа е најбезбедната и најскапата рута“. За вели дека „ако некој се одлучил за евтината рута, тогаш сигурно имал кобен крај, а возилото во несреќата ја користело токму таа рута“.

Многумина криумчарени Виетнамци завршуваат на незаконските фарми за канабис во Велика Британија. Евтината рута го опфаќа копнениот пат од Виетнам до Европа што значи дека се потребни повеќемесечни тајни движења со автомобил и дури одење пеш. Мими Ву, независната адвокатка против трговија со луѓе од Хо Ши Мин, вели дека „мигрантите најчесто се упатуваат од Виетнам во Кина и потоа преку Русија одат до Европа. Обично патуваат со автомобил, а од Русија влегуваат пеш во соседните земји како на пример, Украина и Летонија, особено ноќе преку шумите и планините“.

ВИП-рутата вклучува лажни пасоши за авионски лет од Виетнам до Европа преку трета држава во процес кој трае неколку дена наместо месеци, но се плаќа повисока цена, како што вели Ву. За неговиот дваесетгодишен син, За вели дека за евтината рута е платена 3.000 фунти од Франција до Велика Британија, додека за ВИП-рутата се плаќало 11.000 фунти. Неколку мигранти, нивните семејства и експертите тврдат дека таа е почетна цена за криумчарење од Германија или Франција во Велика Британија.
За тврди дека син му ја избрал ВИП-рутата и не му било јасно како завршил во камионот. Но за морскиот премин од копнениот дел на Европа до Велика Британија можеби немало ВИП-рута за Луонг. Експертите за мигранти и трговија со луѓе велат дека единствениот начин за мигрантите да го поминат Ламанш во последната фаза од рутата е да се скријат во приколка на камион. Ву вели дека „родителите плаќаат за ВИП-рута затоа што мислат дека е побезбедна, но не сфаќаат дека нивното дете ќе заврши во истата камионска приколка како и оној што платил за евтина рута“.

Таткото на Луонг вели дека сакал да го разубеди синот кој преку евтината рута стигнал до Русија во октомври 2017 година, а оттаму заминал за Украина каде што живеел шест месеци со други мигранти во магацин. Тој за патувањето на синот раскажува дека „Велика Британија била многу поинтересна опција од тамошната заедница“. Неговиот син во април 2018 година пристигнал во Германија, која е главен прифатен центар за виетнамските мигранти во Европа. За наведува дека Луонг таму пристигнал со возило, но морал и да пешачи околу седум часа. Срцето на виетнамската заедница во Германија е центарот Донг Ксуан во источен Берлин, пазарот за трговија на големо, за кој оваа година една локална телевизија откри дека всушност е центар за шверц на луѓе. Берлинската полиција ги потврди откритијата од истрагата.

Со површина од неколку фудбалски игралишта, центарот е преполн со виетнамски салони за средување нокти, фризерници, тезги со храна, продавачи на текстил и кафулиња. Во недела за време на ручекот тука е преполно со локални жители, Азијци и Источноевропејци кои купуваат или јадат. Административната канцеларија која се наоѓа веднаш до влезот на Центарот беше затворена и никој не се јавуваше на официјалниот телефон.

Патувањата на виетнамските мигранти обично се одвиваат во фази, а за секоја од нив трговците со луѓе од семејствата бараат исплата во готово за да продолжат понатаму. Кога Луонг од Германија заминал за Франција, а неговиот татко требало да плати 18.000 долари во готово за дотогашниот поминат пат.

За вели дека „добил повик од непознато лице кое дошло со возило да ги земе парите. Тој наликувал дека е на возраст од 30-тина години“. Сигналот за испраќање на парите бил кога Луонг се јавил дома дека безбедно пристигнал. Тој живеел во Франција речиси 18 месеци и незаконски работел во ресторан. Буи Так, за чиј внук Буи Фан Танг се верува дека е меѓу починатите во ладилникот на камионот, вели дека собирачите на долговите во Виетнам ги кријат лицата кога ги земаат парите во готово од семејствата. Так додава дека „понекогаш бараат парите да се предадат на други локации или во близина на автобуски станици. Исто така располагаат со сопствен синџир за трансфер на пари независно од банките“.

Откако платил за копнен пат до Европа и покрај желбите на татко му, Луонг решил конечно да замине за Велика Британија. Доцна во четвртокот, За добил прекуокеански повик од лице кое директно знаело за кобната несреќа со камионот и бил известен дека сите мигранти загинале.

Превод: Билјана Здравковска