Не можете да се борите против ова, кажа шерифот на округот Сонома во Калифорнија, упатувајќи апел кон 90 илјади жители на округот да се евакуираат, додека се очекуваат силни ветришта што би можеле да ги рашират пожарите што ја зафатија американската сојузна држава, пренесува телевизијата Си-би-ес.

– Себично е да останете дома и да се борите против ова – кажа шерифот Марк Есик.

Ветриштата со брзина од околу 120 километри на час се очекуваа во одредени области од Калифорнија, што би можело драстично да влијае врз условите.

Калифорнија се соочува и со рестикции на електричната енергија, во кои се опфатени околу 940 илјади домови, што е за повеќе од 90 илјади во однос на предвидувањата.

Пожарот „Кинкејд“ засега зафати површина од повеќе од 26 илјади ари, уништи околу 80 објекти, вклучувајќи 31 дом. Претходно во четвртокот, огнените жаришта предизвикаа евакуација на повеќе од 50 илјади луѓе, од кои дел веќе се вратија во нивните домови.

На северот на Калифорнија изгореа 49 згради во пожарот што зафати околу 100 километри квадратни од винскиот регион.

Уште не е откриена причината за пожарите, и покрај тоа што еден од снабдувачите со електрична енергија пријавил дефект на далновод во пресрет на избивањето на огнот.

– Во најголема мера, повеќето од луѓето се беспомошни. Нанесена е голема болка. Одново остануваме без нашите основни потреби, што е навистина несреќно – вели жителка на Калифорнија.