Повеќе од 85.000 пресуди за помали престапи поврзани со употреба на марихуана, автоматски ќе бидат избришани од судските записи благодарение на нова компјутерска програма која започна да се користи во Калифорнија, каде продажбата и употребата на марихуана за рекреативни цели е легализирана во 2018 година.

– Оваа мерка ќе донесе олеснување за корисниците кои претрпеа големи неправди од нашите закони во оваа област – вели Џеки Лејси, јавна обвинителка во округот Лос Анџелес, каде ќе се избришат 66.000 пресуди.

Од 53.000 лица опфатени со мерката во округот Лос Анџелес, 32 проценти се црнци, 45 проценти се латино американци, а 20 проценти се белци, соопшти канцеларијата на јавниот правобранител, а пренесува „Индекс.хр“.

Овие пресуди, од кои некои биле изречени уште во 1961 година, честопати се пречки за луѓето да најдат работа или домување.

– Оваа технологија може за неколку секунди да утврди кои случаи се соодветни за примена на мерката и на тој начин да му помогне на персоналот да не мора да го проучува секој запис во архивата – се пофалија калифорниските служби.