Фото: Игор Бансколиев

Прифаќањето на новото име на една држава може да се одвива бавно, а анализата на британски „Економист“ сугерира дека можат да поминат и повеќе години пред новиот назив да добие широка примена. Користејќи ја базата на податоци на Гугл „Нграм вјуер“ (опфаќа повеќе од пет милиони печатени дела) за анализа на употребата на дел од државните имиња сменети во 20-от век, британскиот магазин дошол до заклучок дека се потребни повеќе години пред промената да биде усвоена низ светот.

Во случајот на поранешната британска колонија Цејлон, која беше преименувана во Шри Ланка во 1972 година, било потребно да помине безмалку една деценија за новото име да стане позастапено во литературата во однос на претходното. Името Зимбабве, пак, ја надмина Родезија за двојно пократок временски период. Кога воената хунта во Бурма го смени државното име во Мијанмар во 1989 година, одредени земји одбиваа да го користат новиот назив, за да не му дадат легитимитет на режимот. Во 2008 година, името Бурма уште беше споменувано двојно почесто во учебниците по англиски, во однос на Мијанмар.

Останува да се види дали името Северна Македонија ќе биде прифатено во светската јавност. Името допрва треба да биде доставено до базата на географски имиња на Обединетите нации, а апликацијата „Гугл мапс“ уште ја означува земјава како Македонија.

За неколку години спорот за името кое потекнува од кралството со кое владеел Александар Велики можеби конечно ќе остане во историјата, се заклучува во анализата.