Хуан Гуаидо со припадник на безбедносните сили

Политичката криза во Венецуела повторно се разбранува вчера, кога опозицискиот лидер Хуан Гуаидо го означи почетокот на завршната фаза за отстранување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од власт, пишува „Вашингтон пост“.

Додека режимот на Мадуро и неговите странски сојузници, вклучувајќи ја Русија, предупредија дека во тек е пуч инспириран од САД, советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, не се согласи со ваквите тврдења, велејќи оти обидот на Гуаидо за преземање контрола над венецуелската војска не е пуч“.

Но, кога падна ноќта во Каракас, се чинеше дека гамбитот на Гуаидо постигна малку. Eдно лице загина, а десетици беа повредени од гумените куршуми, истрелите и солзавецот употребени низ јужноамериканската држава. 

Мадуро ја задржа неговата полиција, како и „линијата на фронтот“. Тој истакна дека поседува „челични живци“, инсистираше дека има „потполна лојалност“ на безбедносните сили, и покрај кружењето на гласините според кои група на виши офицери се поврзани со заговорот за негово симнување од власт, како и за наводното пребегнување на шефот на тајната полиција, кој е во криење. Се појавија информации дека барем 25 војници пребегале во бразилската амбасада, но оти не станува збор за општоприфатен бунт на оружените сили.

– Ако Гуидо и опозицискиот лидер Леополдо Лопез не успеат да ја поделат војската и не го придобијат нејзиното водство кон нивната кауза, тогаш се отвора големо прашање што ќе се случи со нив лично, како и со опозицијата – истакна Шенон О’нил, експертката за Венецуела, во изјава за „Вашингтон пост“. 

Планот на Гуаидо и неговите поддржувачи наишол на неочекувани проблеми.

– По ваквиот голем чекор, се чини дека двоецот падна. Се појавија информации оти високи официјални лица во војската првично се согласиле да се придружат на бунтот, но потоа се откажале, од непознати причини. Изостана брзата победа на опозицијата. Наместо тоа, Лопез се засолни во амбасадата на Чиле, поради ризикот повторно да биде приведен. Оние кои се блиски до Гуаидо истакнаа дека тој е безбеден, иако не ја открива локацијата на која се наоѓа, поради безбедносни причини – се наведува во анализата на американскиот весник.

Од друга страна, симпатизерите на Мадуро организираа голем собир за поддршка на претседателот пред неговата резиденција. Власта во Венецуела веќе соопшти дека пропаднал обидот на опозицијата за пуч.

Болтон соошти дека одредени функционери од режимот на Мадуро можеби тајно преговарале со Гуаидо, но не се приклучиле кон бунтот. Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини кубанските сили за поддршка на режимот на Мадуро, заканувајќи се со „комплетно ембарго“ кон Куба. Болтон го повтори ставот на Белата куќа оти сите опции за Венецуела, вклучувајќи ја и воената, „остануваат на маса“.