Западните дипломати седеле три часа со либискиот генерал Халифа Хафтар (75) во неговото упориште, минатиот месец, во обид да се обидат да го разубедат од плановите за офанзива против меѓународно признаената влада во Триполи, објавува „Ројтерс“.

Тие го наговарале да не ја втурнува државата во граѓанска војна, убедувајќи го дека може да стане успешен политички лидер доколку се посвети на политичката кариера, според извори кои се упатени во состанокот одржан во близина на Бенгази. 

Две недели подоцна тој, сепак, ги испрати трупите на неговата Либиската национална армија (ЛНА) кон Триполи, баш во време кога генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш бил во главниот либиски град, подготвувајќи се за конференцијата за национално помирување. Советниците на Гутереш сметале дека Хафтар ја поддржува конференцијата.

Воената кампања на одметнатиот либиски генерал, за светските сили, вклучувајќи ги Франција, Италија и Велика Британија, претставува голем удар. Тие со години се обидувале да го обедат Хафтар да прифати политичка спогодба која би донела стабилност во државата богата со нафта и со гас, по безмалку една деценија исполнета со конфликти.

Дипломатските извори тврдат дека западните дипломати не знаеле оти тој планира да почне офанзива, или пак, мислеле дека блефира. А, од постапките на Хафтар изненадени се и Египет и Обединетите Арапски Емирати, кои досега го поддржуваа.