Изведбата на американската химна на јавни настани и почитта кон неа од страна на оние што ја слушаат (или изведуваат) е актуелно прашање во САД околу кое мислењата на Американците се поделени.

Бурни реакции предизвика одлуката на капитенката на американската женска фудбалска репрезентација Меган Рапино да протестира за време на химната. Таа стои безизразно за време на интонирањето на химната на Светското првенство кое се одржува во Франција, на кое САД стигнаа во финалето. Искусната фудбалерка на тој начин изразува незадоволство поради полициската бруталност и дискриминацијата на малцинствата во САД.

Меган Рапино (десно) одбива да ја пее химната на САД

Таа претходно клечеше при изведбата на химната во 2016 година, во знак на солидарност со играчите на американски фудбал, кои во знак на протест, исто така, клекнуваа во текот на интонирањето на американската химна, пред натпреварите во НФЛ-лигата. Станува збор за контроверзно движење поттикнато од Колин Каперник во 2016 година, кое ја подели јавноста во САД.

Непочитувањето на химната го разгневи и американскиот претседател Доналд Трамп кој упати навреди кон играчите на американски фудбал кои не ги почитуваат химната и американското знаме и побара тие да бидат избркани од НФЛ-лигата. Трамп истакна и дека начинот на протест на Рапино е непристоен.

Протестот на Колин Каперник (десно) ја подели американската јавност

Повеќемина славни личности се најдоа на удар на јавноста поради нивната интерпретација на химната, вклучувајќи го фалширањето на актерката Розен Бар пред бејзбол-меч во 1990 година, одлуката да изведе џез-верзија на пејачката Ферги пред НБА-олстарот минатата година, или грешењето на зборовите од страна на пејачката Кристина Агилера пред Супербоулот во НФЛ-лигата во 2011 година. Агилера и Ферги јавно се извинија за пропустите, слично како и Тамара Тодевска за испуштените зборови од македонската химна изведена за време на завчерашниот прием во амбасадата на САД.

Случајот на Тамара Тодевска не може да се поистовети со несоодветните изведби на американската химна, но заедничка е реакцијата, односно незадоволството и осудата што ги предизвикаа во македонската, односно американската јавност. М.Ж.