На 18 октомври, Франција беше осамена во противењето на пристапувањето на Северна Македонија и на Албанија кон ЕУ, пишува професорката Катерина Колозова во колумната насловена „Како ЕУ го балканизираше Балканот“, објавена на интернет-страницата на Ал џезира.

Водечките претставници и лидери од ЕУ, како што се Доналд Туск, Жан-Клод Јункер и комесарот Јоханес Хан изразија неверување од француската одлука. Повеќемина експерти и познавачи на состојбата го опишаа ветото на францускиот претседател како „историска грешка“.

Правдајќи го неговото историско „не“ за почнување на пристапни преговори со двете држави, Макрон кажа дека тој не може да го увери својот народ оти „работите се одвиваат толку добро за да отвориме преговори“ ако има „илјадници и илјадници“ Албанци кои бараат азил во Франција.

Стравот од внатрешната миграција во Европа открива поглед според кој сите Европејци не се гледани како еднакви, односно некои Европејци очигледно се повеќе европски отколку други. Затоа не е ни чудо што различните иницијативи и инструменти кои се дел од процесот за европска интеграција се нарекуваат „европеизација“.

Припаѓањето на еден континент, делејќи слично културно наследство, и различно, а сепак поврзано минато, очигледно не спаѓа во суштината на тоа што е „европејство“. Мерката за тоа што е навистина европско, се чини е да се биде богата, капиталистичка, неолиберална држава, особено поранешна колонијална сила која уште ужива во одредени поволности од колонијализмот. А од поранешните комунистички држави се очекува да се угледаат на овој модел преку процесот на т.н. интеграција, усвојувајќи „мерки“, „инструменти“, „реформи“ диктирани од западните технократи.

Во ваквиот начин на размислување, некои Западноевропејци можеби ќе сметаат дека пишувам од перспективата на потенцијлен „мигрант“. Но, тврдам, дека го пишувам ова како граѓанка на Европа.

Денеска, јасно е дека ЕУ нема да постигне стабилност ниту просперитет доколку не создаде навистина унифицирана територија на континентот. Унија со парчиња од територија што не се во ЕУ, кои остануваат неразвиени и отворени за конзервативни „неевропски влијанија“, неминовно ќе резултира во пропаѓање, незадоволство и дисолуција одвнатре. 

Унијата треба да се обиде да стане Европа и обратно, а за тоа да се случи треба повторно да се осмисли. Наместо да се смета за елитен клуб, треба да прифати повеќе геополитички и пристап на хоризонтална интеграција, како и да го прифати фактот дека постои повеќе од еден пристап на „европејство“.