Џефри Епстајн своевремено покрена медиумска кампања во надеж дека ќе ја сочува својата репутација, откако беше пуштен од затвор по склучената спогодба со обвинителството во 2009 година, и се чини дека неговиот план успеа, објавува „Бизнис инсајдер“.

Епстајн помина 13 месеци во затвор поради обвинението за сексуално искористување на десетици малолетни девојки во 2008 година, но успеа да избегне подолга затворска казна и да го сочува неговиот имиџ на богат финансиер и на филантроп преку медиумска кампања која вклучуваше донации за научни истражувања, плаќање на новинари и покренување на интернет-страници кои ќе објавуваат информации во негова корист, според сознанијата на „Њујорк тајмс“.

Две интернет-страници објавуваа фотографии на Епстајн со истакнати научници, медиуми го претставуваа како еден од „водечките поддржувачи на науката“, а обвинетиот уплати донации и на неколку универзитети, особено на „Харвард“ каде што донираше 7,5 милиони долари во изминатите две децении.

Се чини дека кампањата беше успешна, бидејќи Епстајн го задржа угледот во богатите кругови со години.

Познатиот бизнисмен се соочува со обвиненија дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, на Мехнетн, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен минатата сабота на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочува со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.