Фото: Игор Бансколиев

Спорот за името Македонија се влечеше безмалку три децении, станувајќи еден од најдолготрајните спорови од овој вид во блиската историја. За неупатениот набљудувач, можеби наликуваше и на куриозитет. Грција инсистираше дека именувањето на новоформираната држава претставуваше закана, а Македонија (или ФИРОМ како што мораше да биде нарекувана) беше еднакво решителна за задржување на името, пишува професорката Катерина Колозова во колумната насловена „Како Балканот реши балкански проблем“, објавена на интернет-страницата на Ал џезира.

По сите тврдења, тоа што Македонија беше и име на држава и на регион во Грција, не звучеше како сериозна закана за ничија безбедност или територијален интергритет. Прашањето беше категоризирано како продукт на непопустливоста на две типични балкански држави. Но, всушност, спорот остана нерешен безмалку 30 години бидејќи и западните емисари кои требаше да посредуваат, едноставно не сакаа да признаат за што станува збор.

– Употребата на името изразува претензии за грчкото културно наследство, историјата и идентитетот и претставуа „иредентизам“ – се наведуваше во изјавата (која сега е тргната). на интернет-страницата на грчкото Министерство за надворешни работи.

Ваквата состојба се одрази и во резолуцијата 817 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), која ја призна т.н. Бивша Југословенска Република Македонија како независна држава во 1993 година. Со признавањето на безимена држава без национален идентификатор, меѓународната заедница всушност го негираше нејзиното право на национално самоопределување. Резолуцијата на ОН кореспондираше со балканската историја на „македонското прашање“, историја на негирање на реалноста на карактеристичниот етнички и национален идентитет ословуван како македонски од повеќето соседни држави.

Со години, ОН и медијаторот Метју Нимиц не сакаа да ја признаат ваквата реалност бидејќи беше срамна. Споровите за идентитетот не требаше да се случуваат во Европа во 21-от век.

Прашањето немаше да биде решено, доколку овој едноставен факт не беше препознаен во преговорите. Но, препознавањето, односно прифаќањето на состојбата не дојде од ОН или од Западот, туку од лидерството на државите вклучени во спорот.

Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и нивните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас (беше на функција до октомври минатата година), „ги симнаа ракавиците“ од западниот дипломатски протокол и директно се соочија со проблемот – постигнувајќи билатерална спогодба која го опфаќа идентитетот.

Двете држави мораше да ги препознаат меѓусебните грижи со цел да ги решат. Грчката страна беше убедена дека името полага право врз грчката историја и идентитет. Македонската страна стравуваше дека промената на името ќе резултира со губењето на обележјата националниот идентитет и јазик.

Фактот што двете балкански држави се соочија со „срамната“ вистина и се спротиставија на самоцензурата на политичка коректност за да се справат со проблемот зборува за политичката остроумност и храброст. 

Ова не е решение посредувано од ЕУ, НАТО, САД и ОН, и не е привремено адхок решение кое и овозможува на Северна Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Тоа е решение за спорот помеѓу две соседни држави за кое е преговарано на начин осетлив за нивните политички култури, заедничката историја и националните грижи (без разлика колку и да делуваат безначајно за Западот).

Тоа претставува преседан во балканската политика и може да воспостави нова политичка култура која ќе не одведе подалеку од национализмот, фиксацијата со грандиозните историски наративи и од националните комплекси од кои сите страдаме. Немаше да го постигнеме решението, доколку „балканизмот“ на спорот не беше препознаен и прифатен на начин што го претвора во инструмент за еманципација.