Сара Ристевски му пружи поддршка на нејзиниот татко во текот на судењето

Со сив шал преку лицето и со темни очила за сонце, Сара Ристевски (23), вчера влезе во Врховниот суд во Мелбурн за да го проследи изрекувањето на казната за нејзиниот татко Борче Ристевски (55), пренесуваат австралиските медиуми. Тоа беше изненадување за присутните, како и за медиумите што го следат случајот, бидејќи Сара не се појави на ниту едно од сослушувањата, откако имаше излагање сведочејќи за карактерот на татка си, пред девет месеци.

Но, додека Борче Ристевски ја очекуваше пресудата, Сара не беше приустна во судницата број четири. Наместо да седи во галеријата, таа ја избра приватноста на една од судските простории подолу во ходникот, каде што слушаше тонски пренос од судницата, каде што нејзиниот татко доби деветгодишна затворска казна, за убиството на нејзината мајка Карен во 2016 година.

Тоа значеше дека нема да го види татка си, пред да го изведат од судницата.

Борче Ристевски, како и во текот на целиот судски процес, носеше бела кошула без вратоврска. Тој трепкаше забрзано, држејќи го погледот кон судиската клупа. Вилицата му беше стегната, а усните стиснати.

На сослушувањето минатиот месец, обвинителството и одбраната имаа излагања истакнувајќи фактори што би можеле да влијаат врз пресудата. Меѓу аргументите на правниот тим на обвинетиот беше и писменото сведоштво за неговиот карактер, напишано од страна на Сара. Таа во писмото го опишува Борче како „полн со љубов, грижлив, заштитнички настроен и харизматичен татко“.

Но, судијата Кристофер Бил и натаму беше во недоумица во врска со поддршката на Сара кон човекот што ја убил нејзината мајка. 

– Тоа не значи дека таа не е жртва. Впрочем, по вашата сопруга, и таа е жртва во принцип, бидејќи Сара и нејзината мајка биле исклучително блиски. Од љубовта кон вас, Сара одби да даде изјава пред судот, а наместо тоа ви пружи пофално писмено сведоштво за карактерот. Не сакам да ја критикувам Сара, секој со сочувство мора да разбере дека нејзината ситуација е агонизирачка. За жал, пресудата која треба да ја изречам, ќе предизвика уште тага за неа – кажал Бил. 

По завршувањето на сослушувањето, Сара останала во просторијата во која ја слушнала пресудата, уште два часа, пред да се соочи со насобраните медиуми што ја чекале да ја прашаат зошто избрала да го поддржи татка си.

Извесно е дека младата девојка останува во тешка ситуација, бидејќи се отуѓила од едната страна на семејството, нејзината мајка е мртва, а нејзиниот татко е во затвор.

Борче Ристевски беше осуден на девет години затвор од страна на Врховниот суд во Мелбурн, за убиството без умисла на неговата сопруга Карен Ристевски, но  би можел да биде ослободен по четири и пол години, земајќи го в обзир времето кое веќе го помина во затвор. Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. 

Ристевски се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.