Има правен основ Македонија да побара екстрадиција од Унгарија на поранешниот премиер Никола Груевски, а тоа е Европската конвенција за екстрадиција, велат од Министерството за правда.

Барањето за екстрадиција се подготвува и се собира потребната документација и се очекува во најскоро време да биде испратено до Унгарија.

Груевски, по бегството кое уследи откако требаше да се јави на издржувањето на двегодишната затворска казна за набавката на владиниот „луксузен мерцедес“, побара политички азил во Унгарија. Во македонското Министерство за внатрешни работи беа отворени две истраги. Со нив треба да се утврди како избегал Груевски и дали некој од полицијата му помогнал, по што се очекува МВР да излезе со детали.

Досега, македонското мвр и Обвинителството не излегоа со официјални информации за бегството и движењето на Груевски и за тоа каде се пропустите во целиот случај.

Она што досега се знае за рутата по која се движел Груевски, а за што потврда стигна од албанската полиција, е дека тој бил на албанска територија и од таму преку преминот Хан Хоти се упатил кон Црна Гора. Портпаролот на албанската полиција за АТФ изјави дека Груевски во Абанија несомнено влегол пеш бидејќи неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен премин меѓу Македонија и Албанија. Од Албанија влегол во Црна Гора од каде, според српските и црногорските медиуми, кои се повикуваат на дипломатски извори, влегол во Србија преку граничниот премин Добраково, а оттаму заминал за Унгарија.

Дел од домашните медиуми вчера ја пренесоа и информацијата на бугарски „Фокус“ дека Груевски ја напуштил Унгарија и заминал за Турција или Русија.